Европа жали, но го почитува „Брегзит“

Претседателите на Европскиот парламент и на Европскиот совет, Мартин Шулц и Доналд Туск, заедно со холандскиот премиер, Марк Руте, вчера се состанаа во Брисел, на покана на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, а во врска со излезот на Обединетото Кралство од Европската унија.

Во заедничка изјава тие истакнуваат дека жалат за ваквата одлука, но ја почитуваат истата, со оглед на тоа што британскиот народ, слободно и демократски, го искажал своето мислење преку референдум.

Во изјавата тие потсетуваат и на правилата кои треба да ги испочитува секоја земја-членка доколку одлучи да ја напушти Европската Унија, а додека да заврши тој процес, Обединетото Кралство, со сите права и обврски, останува член на ЕУ.

„Ќе останеме силни и ќе ги почитуваат основните вредности на промовирање на мирот и благосостојбата на европските народи. Унијата на 27 земји-членки ќе продолжи“. – стои во заедничката изјава, во која истовремено се изразува надеж дека и во иднина Обединетото Кралство ќе остане близок партнер на Европската Унија.

По повод „Брегзит“, за 28 јуни итно е свикана вонредна седница на претседателот на Европскиот парламент и лидерите на политичките групи.

После 43 години членство во ЕУ, на референдумот за таканаречениот „Брегзит“, 17,5 милиони граѓани (52%) се одлучија за напуштање на големото европско семејство, а британскиот премиер Дејвид Камерон најави оставка на својата функција.