Министерот Јолевски го отвори „Летниот Кампус 2016“

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, со свое обраќање го отвори меѓународниот одбранбено-безбедносен проект „Летен Кампус 2016“ во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Тој најнапред им посака добредојде на сите питомци од тринаесет земји учеснички на кампусот и на припадниците од муслиманска вероисповед им го честита празникот Рамазан Бајрам.

„Да се биде заедно со припадници од другите земји присутни овде на кампусот од три континенти, членки и партнери на НАТО, ќе ве направи посилни личности. Заканите со кои сите ние се соочуваме и со кои треба да се справиме се глобални закани. Како кадети имате можност да работите заедно, да се дружите и да споделувате заеднички искуства. Вие сте едуцирани да бидете лидери во нашите армии. Инвестицијата во вашето едуцирање е инвестивиција на вашите земји. Ние инвестиравме многу во капацитетите на Академијата, но со измените на легислативата ние ќе формираме Универзитет за национална одбрана и безбедност“ – истакна министерот Јолевски.

На крај министерот им посака успешен кампус и порача кога ќе се вратат во своите земји да го споделат искуството со своите колеги и да ги охрабрат да дојдат следната година.

Деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, полковник Орце Поповски во своето обраќање на отворањето истакна дека овој проект е исклучително значаен за питомците, затоа што во наредните денови тие ќе имаат можност да разменат знаење, искуства, ќе вежбаат заедно и ќе се развијат многу пријателства. „Еден ден вие ќе стоите еден до друг, рамо до рамо во поддршка на регионалниот и глобалниот мир и безбедност“.

Програмата на кампусот ќе биде спроведена од високо обучени инструктори од разни институции, како и професионални инструктори од македонската армија и од другите земји кои учествуваат на Кампусот. Овој Кампус е посветен на совладувањето на најразлични вежби и активности со цел да ја приближи комплексноста на идните предизвици во работењето во постконфликтни операции.

На годинашниот Летен кампус кој се одржува во периодот од 04 до 13 јули, во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ учествуваат 296 учесници – питомци од Романија, Босна и Херцеговина, Соединетите Американски држави, Црна Гора, Бугарија, Обединетото Кралство, Косово, Турција, Словачка, Албанија, Словенија, Италија и Република Македонија како домаќин.