Со настап на оперската дива Елина Гаранча свечено отворено 56. издание на „Охридско лето“

Со концерт на светски познатата оперска певица Елина Гаранча во придружба на Оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентската управа на маестро Ион Марин од Романија, вечерва на сцената на Античкиот театар во Охрид свечено беше отворено 56. издание на најголемата музичко-сценска манифестација – Фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

„Фестивалот „Охридско лето” се одржува во период кога стариот свет умира, а новиот сè уште не е роден. Период на длабоки кризи, крвави конфликти и милиони бегалци. Година, кога наместо да го прославуваме, ние како да го забораваме јубилејот од независноста на Република Македонија.

Во време кога над светот се надвиснати темни облаци, уметноста е како продорен зрак светлина. Овој зрак ја осветлува скриената убавина што извира од длабочината на човековото срце. Истовремено, овој продорен зрак на уметноста нè упатува и кон она што е скриено зад облаците, а тоа е вечниот извор на светлината и животот. Уметноста ја изразува надежта дека бурата ќе мине, облаците ќе се распрснат, ветриштата ќе се смират и дека ќе нè огрее светлината по која копнееме. Повеќе од пет децении, десетина илјади уметници од сите меридијани, преку своите музички, сценски и ликовни дела нè охрабруваат да бидеме извор на убавината во светот. А првиот оригинален словенски и македонски поет ни кажува како да го направиме тоа. Пред повеќе од 11 века, токму од ова место, св. Климент Охридски нè поттикна да се престигнуваме во добрина, бидејќи убавината е само друго име за добрината.“ – истакна претседателот Иванов.

Програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ предвидува преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на „Вардар филм“. Македонија и Охрид оваа година ќе бидат домаќини на вкупно 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.

WebOhrid/А.Андриоски