Започна изградбата на нова спортска сала во Лабуништа

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу, заменик министерот Спиро Ристовски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски присуствуваа на поставување камен темелник за изградба на нова спортска сала во основното училиште „Мурат Лабуништа“ во струшкото село Лабуништа.

Салата ќе се простира на површина од 1.300 метри квадратни и ќе биде наменета за мал фудбал, кошарка, ракомет, пинг понг и гимнастика.

За изградбата на спортскиот објект Министерството за образование и наука обезбеди 42 милиони денари, а дополнително се инвестираат и 12 милиони денари за изградба на потпорен ѕид од 11 метри и за расчистување на теренот.

Во ОУ „Мурат Лабуништа“ променети се и прозорците за што се инвестирани 5 милиони денари.

Инаку, во општина Струга во тек се и активности за изградба на спортска сала во oсновото училиште во селото Дрслајца која што е со големина од 650 метри квадратни и помошни простории од 300 метри квадратни. Овој спортски објект, кој исто така е инвестиција на Министерството за образование и наука вредна 23 милиони денари, ќе биде изграден до 1 септември и покрај учениците, ќе биде на располагање и на локалното население.