Првпат во јавното здравство изведена интервенција на аневризма на торакална аорта

На Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во последните десеттина дена е изведена интервенција на аневризма на торакална аорта врз 38-годишен пациент. Станува збор за интервенција која првпат е изведена на Државната кардиохирургија, а со тоа и во јавното здравство во Република Македонија.

По тој повод, вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Универзитетската клиника за државна кардиохирургија по што изјави дека таа јавна здравствена установа сериозно чекори напред кон воведување нови сложени методи кои досега не се работеле на клиниката и во државата.

Посочи дека Универзитетската клиника за државна кардиохирургија одлично функционира со полн капацитет. Се повеќе и повеќе државната кардиохирургија, нагласи, е препознаена како една од најквалитетните здравствени установи во државата, со одличен потенцијал и за натамошен развој, со еден многу хомоген тим кој постојано се развива, воведува нови методи и се грижи за подигнување на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат на таа клиника.

„Досега на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија се изведени околу 340 хирушки интервенции од кои 70 се васкуларни, а останатите се кардиохирушки интервенции. Околу 80 проценти од сите овие интервенции се изведени во новиот простор на Државната кардиохирургија“, рече Тодоров.

Појасни дека тимот на Државната кардиохирургија функционира како едно и според него, тоа е предуслов за одлични резултати и одличен квалитет на здравствените услуги кои се даваат во таа ЈЗУ.

Кардиохирургот Никола Лазовски, член на тимот што ја изведе интервенцијата, изјави дека пациентот поминал одлично и за време на операцијата, еден ден престојувал на Интензивна нега и потоа за пет шест дена ја напуштил Клиниката во одлична здравствена состојба.

„За време на операцијата беше користена машина за екстракорпорална циркулација која е неопходна за намалување на невролошките компликации кај ваквите пациенти“, посочи Лазовски и додаде дека операцијата е само чекор поблиску до работење на најсложените васкуларни процедури.