Со зајакнат инспекциски систем ќе се намалува загадувањето и притисокот врз животната средина

Со презентација на постигнатите резултати денес официјало заврши твининг проектот „Зајакнување на административниот капацитет за спроведување на законодавството за животна средина на централно и локално ниво“ кој го спроведува Државниот инспекторат за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање со финансиска подршка од ЕУ преку ИПА фондовите.

Изразувајќи задоволство од успешното завршување на проектот, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети истакна дека со овој проект не само што се подобри усогласеноста на законите кои се однесуваат на работата на инспекцискиот систем, туку и се оптимизираа ресурсите за подобро планирање на инспекциските овластувања.

„За особено значајни ги сметам обуките преку кои беше опфатен комплетниот инспекциски циклус од запознавање на индустриските сектори и техники за намалување на загадувањето, инспекции на пилот инсталации, земање мостри и следење, до градење на тимови и капацитети за комуникација. Во рамките на проектот се изработија водичи за инспектори, но и за идустриски оператори, а преку новата интерактивна интернет страница се овозможи полесен пристап до сите потребни информации неопходни за подготовка на инспекциските надзори. Очекувам ова да резултира со намалување на загадувањето и на притисокот врз животната средина“– истакна Амети во поздравното обраќање.

Проектот се состоеше од три компоненти: зајакнување на капацитетите на инспекцијата за животна средина на централно и локално ниво, потоа техничка помош за општините во исполнување на обврските за имплементација на законодавството и обезбедување на опрема и софтвер за подобрување на условите за работа.

Активностите се реализирани со помош на партнерските држави Шпанијаи Холандија, во периодот јануари 2015 г.- август 2016 г., а вредноста на проектот е милион евра.

На настанот, поздравни обраќања имаа претставникот од ЕУ делегацијата во Македонија, Мартин Клауке, амбасадорот на Шпанија, Н.Е. Рамон Каранса, претставникот од амбасадата на Холандија, Петер Верхејен и директорот на Државниот Инспекторат за животна средина и лидер на проектот од земјата корисник, Фирус Мемед.