Проекција на филмот „Планината на Гневот“

Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето вечерва со почеток во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде прикажан филмот „Планината на Гневот“ во продукција на Вардар Филм од Скопје.

Филмот е снимен во 1968 година, во режија на Љубиша Георгиевски, а во него играат актерите Ристо Шишков, Бранислав Јериниќ, Дарко Дамевски, Драгомир Фелба, Нада Гешовска, Петре Прличко и други.

По Втората светска, социјалистичката револуционерната војна и ослободувањето на земјата, настапува време на обнова. Тоа е и време кога се инсистира на колективизација на селските имоти. И во Западна Македонија се настојува да се спроведат новите идеи за развој на земјоделското стопанство и на сточарството. Претседател на селската задруга е Стамат, поранешен борец, кој со сиот свој жар и револуционерен елан работи и верува дека колективизацијата е единствен излез за сиромашниот селанец. На својот пат за подобра иднина тој се судира со отпорот на поимотните селани кои тешко се разделуваат од имотот. Во овие околности Стамат се соочува со вистината дека селаните не му веруваат, но и покрај тоа застанува на вистинската страна.