Фешта во фацата на хипокризијата на четвртото издание на „ДримON“

Со провокативниот наслов „Фешта во фацата на хипокризијата“, околу кој е конципиран стартниот ден на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, започнува петдневната програма која ќе се случува од 27 до 31 јули во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Фестивалот ќе внесе свежина во културното живеење на Струга, а тоа се навестува уште со првиот фестивалски ден и истоимената дебата, „Фешта во фацата на хипокризијата”. Модератор на дебатата е новинарот Тони Димков, а панелисти се Филип Јовановски од „АКТО“, Костадин Шурбановски од „Д Фестивал“ и Петра Селишкар од „Македокс“. Дебатата ја обработува темата на фестивалите како двигатели на демократски промени и еден вид на изразување протест.

Организаторите, Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА) откриваат и дел од музичката програма на фестивалот – концерти на „Стринг форсес“ (недела, 31 јули)

„Обојени програм“ (четврток, 28 јули), „Милко“ и „Кантон 6“ (петок, 29 јули).

Концертите започнуваат од 22 часот, а влезот, како и за останатиот дел од програмата на фестивалот, е слободен.

До сега е потврдена и дебатата „Све(с)т во транзит“, која ќе се одржи на 27 јули, на денот посветен на културните миграции. Модераторка на оваа дебата е професорката Елизабета Шелева, а како панелисти се режисерот Слободан Унковски, Искра Гешоска и Игор Тошевски.

Организаторите ја најавија и работилницата за танц „Приватен простор“ со Климент Попоски, гостување на битолскиот фестивал „АКТО“ преку уметничка интервенција во јавен простор насловена „AKTO PAROLES“ на авторите Ивана Васева и Филип Јовановски. Двата настана ќе се одржат на 29 јули. На програмата е и краткиот анимиран филм „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, кој ќе биде прикажан на 30 јули.

Четвртото издание на „ДримON“ изобилува со музички концерти и настапи на диџеј(к)и, дебати, улични акции, изложби, филмски проекции, театар, работилници и секако, многу забава и подигање на свесноста за повеќе важни прашања од општественото живење.

Четвртото издание на „ДримON“ е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

На официјалната страна на „ДримON“ на фејсбук, следете ги редовните најави и дознајте кој сè се најде на богатата програма на фестивалот.

ToniDimkov_Debata_Festa@DrimON4