Во Охрид ќе се реализираат 22 инвестициски зафати

Повеќе од 22 крупни инвестициски зафати ќе се реализираат во Охрид во наредниот период. Дел од нив се во тек, а реализацијата на останатите ќе почне наскоро, информира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при посетата на Охрид.

Двете најголеми инвестиции што ќе ја одбележат оваа градежна експанзија се изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и изградбата на автопатот Охрид-Кичево, чија реализација треба да заврши кон крајот на 2018 година.

„Освен културниот дел се подготвуваат и проекти кои ќе значат многу за Охрид, меѓу кои е и изградбата на две или три катни гаражи кои треба да ги гради Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката (АДСДП) и МЕПСО. Ќе се градат пешачки патеки од центарот на градот до „ Свети Јован Канео“ и ќе продолжи до плажата Лабино, здравстен дом, марина, во напредна фаза е изградбата на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, како и базенот. Ќе се гради и автобуската станица, Центарот за култура, театарот“…, истакна Груевски.

На локалитетот „Плаошник“ на површина од 17 илјади метри квадратни се гради Светиклиментовиот универзитет, инвестиција од околу 30 милиони евра. Со изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Охрид, како што посочи, ќе му се даде нова духовна и туристичка димензија.

Проектот опфаќа: библиотека, конгресен центар, македонски институт за хуманистички науки, музеј на Плаошник, манастирски конак и резиденцијален објект на Македонската православна црква. До 2018 година, како што беше посочено, ќе се реализираат градежните работи на фасадите на сите објекти, градежни и градежно-занаетчиски работи од втора фаза, како и водовод и канализација, електрични и машински инсталации, внатрешно уредување, изведување на партерно уредување на комплексот и поставување на споменик на Св.Климент.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најголема заслуга за реализација на проектот на Плаошник има поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, а негова заслуга е и изградбата на Музејот на вода во Градиште, за кој беше истакнато дека има рекордна посетеност.

Тој ги задолжи општинските власти да се заземат за обезбедување на потребната документација за изградба на уште две спортски сали. Едната во ОУ „Кочо Рацин“, а другата е во рамки на новиот универзитетски кампус на Факултетот за информатички науки и технологија лоциран во старата касарна.

„За изградбата на конгресниот центар, има објавено тендер но досега никој не се јавил. – Не знам зошто никој не се јави на тендерот за изградба на конгресен центар кога станува збор за голем проект вреден од осум до 10 милиони евра. Мислам дека тендерот повторно е отворен и сигурно ќе го видат заинтересирани компании“, рече Груевски.

Осврнувајќи се на изградбата на патот Охрид-Пештани, Груевски најави дека се работи за експресен пат со четири ленти. Додаде дека поради забелешки на еколошки здруженија уште не почнал да се реализира.

За време на посетата во Охрид, Груевски беше информиран дека во тек е конзервација на фрескоживописот во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, проект кој треба да биде завршен до крајот на годината. Се работи на реконструкција во црквите „Св.Богородица Заумска“ во Охрид, „Св.Ѓоргија“ во Струга, како и на реконструкција на фасади, карактеристични за охридска архтиектура.

Во рамки на посетата, Груевски заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска изврши увид на реконструирани фасади на објекти со староградска архитектура, карактеристична за Охрид, кои се лоцирани во старото градско јадро. Со проектот за обнова на старата градска архитектура реконструирани се куќите Ајри Доко, чија градба почна во 2011 година, а заврши сега и инвестирани се седум милиони денари. Куќата, како што појасни директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска била многу оштетена и постоела опасност за нејзино рушење.

„Куќата во својата изворна форма претставува типичен пример на архитектурата од 19 век, чија надворешност е целосно автентично сочувана. Целосно беше изградена, работена е во фази од 2011 до сега. – Дадовме акцент на овој појас кон куќата на Робевци како најфреквентна улица сметаме дека треба најсоодветно да се испрезентира и да ја задржи автентичноста“, истакна Паскали Бунташеска.

Околу два милиони денари се инвестирани за реконструкција на куќата на Маринови, а 2,5 милиони денари за комплетна реставрација на куќата на Рауник. Оваа куќа со охридска староградска архитектура е карактеристичен пример за конструкциите и облиците на традиционалните градби и урбанистичките концепции на крајот од 18 век.

Во тек се активности за реконструкција на куќата на Робевци, каде има музеј со експонати, меѓу кои и златната соба. Таму се изложени златни артефакти од втори и трети век, откриени низ археолошките локалитети низ градот, како и најстарото злато од Македонија, кое датира од седми век пронајдено на локалитетот Плаошник.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја посети и ранохристијанската базилика на локалитетот Манчевци, која целосно е археолошки истражена, конзервирана и е богата со мозаици.

133272224-1024x572