Висока владина поддршка за вработување на лица во социјален ризик

Со средства за плати и дополнителен надоместок за компаниите кои ќе вработат лица во социјален ризик, Владата субвенционира вработување на лица од различни ранливи категории.

За таа цел во тек е огласот преку Агенцијата за вработување според кој право на аплицирање имаат 7 категории на регистрирани невработени лица. Првите три категории се корисници на социјална парична помош, лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа (корисници на парична помош 18-26) и лица кои биле корисници на програмата Условен паричен надоместок за средно образование.

Четвртата, петата и шестата категорија се однесуваат на членови на семејства корисници на едно од следниве права: постојана парична помош и детски додаток, жртви на семејно насилство кои се сместени во шелтер центри или чијшто месечен семеен приход по член на семејство во претходната година е понизок од 50% од последната просечна нето плата и лица кои биле корисници на државна стипендија во последните 15 години и чијшто месечен семеен приход по член на семејство во претходната година е понизок од 50% од последната просечна нето плата.

Седмата категорија се однесува на лица до 29 години чијшто месечен семеен приход по член на семејство во претходната година е понизок од 50% од последната просечна нето плата

Оваа мерка е корисна и за работодавците, кои што можат да аплицираат во едноставна процедура со поднесување на барање, бидејќи преку неа тие можат да добијат средства од Владата за исплаќање на плати за ангажираните работници во период од 6 месеци.

Субвенцијата од оваа програма Владата ќе ја исплаќа во два износи – еден понизок за лицата кои немаат квалификации, и еден повисок за оние лица со повисок степен на образование или кои ќе бидат вработени на места на кои се извршуваат покомплексни работни задачи.

Понискиот износ на субвенцијата е бруто месечна плата од 15.000 денари по вработено лице, а повисокиот износ на субвенцијата е бруто месечна плата од 17.000 денари по вработено лице, и овие износи ќе се исплаќаат во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционирано вработување.

„Оваа владина мерка е специјално дизајнирана со цел да се даде стимулација на работодавците да вработуваат лица коишто се наоѓаат во социјален ризик. Огласот е во тек и ние апелираме сите деловни субјекти да аплицираат на истиот. Да се стекнат со можноста во еден 6-месечен период државата да ги покрива трошоците за плати по однос на ангажирани работници врз основа на овој оглас, односно работодавецот да добива или 20 или, пак, 22.000 денари месечно по единица ангажиран работник. На тој начин ќе ги подобрат своите можности за раст на бизнисот, за профитабилност, подобрување на своите деловни перформанси, а истовремено ќе обезбедат вработување и егзистенција за лицата коишто се наоѓаат во социјален ризик. Дополнително, 6-месечниот период е соодветен период во којшто работодавецот може да ги увиди знаењата, вештините, способностите на лицето коешто го ангажира, да направи подобрување на истите со цел да го задржи во еден долгорочен работен однос, што е и основна владина интенција“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Дополнително на ова, во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционираното вработување, на работодавачот ќе му се исплаќаат по дополнителни 5.000 денари по вработено лице преку оваа програма.

Работодавачот нема да смее на вработените да им исплаќа плати пониски од добиената субвенција во периодот од 6 месеци, и ќе има обврска ангажираниот работник по овие 6 месеци субвенционирано вработување да го задржи на работа уште најмалку дополнителни 6 месеци.

Заинтересираните компании за искористување на оваа владина поддршка како и невработените лица од социјален ризик за учество во оваа програма е потребно да се пријават во работните клубови на 30-те Центри за вработување во РМ.