Драмска изведба на шекспировите „Сонети“ на „Охридско лето“

Битолскиот народен театар вечерва од 21 часот во предворјето на црквата „Света Софија“ ќе ја изведе театарската претстава „Сонети“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Јован Ристовски и Ангелчо Илиевски.

Оваа претстава ќе се игра на репертоарот на фестивалот „Охридско лето“ како дел од проектот „Младо театарско Охридско лето“.

Станува збор за двајца исклучително млади режисери, кои повеќе од една година се членови на Битолскиот народен театар. Првиот дел од претставата која нуди две различни естетики го режира Ристовски, а вториот Илиевски.

Се работи за една тема со две потполно различни естетики.

„Сонети“, според Ристовски, зборува за едно подобро утро и дава огромна критика кон човечката цивилизација.

„Суштината на тоа што го режирав е самокритика и кон себе, но и критика кон пријателите и граѓаните, и кон човечката цивилизација бидејќи планетарно се наоѓаме на една крстосница каде што ќе одлучиме дали ќе сакаме да живееме на Земјата или ќе ја уништиме, дали ќе се убиваме меѓу себе итн.“, вели Ристовски.

Специфичното во делот што го режира, додава тој, е што се користат само три сонети од Шекспир и тоа е единствениот јазик на кој зборуваат актерите на сцената.

„Во меѓувреме измисливме наш сопствен јазик кој во театарскиот свет се вика „џибриш“. Тој не постои, туку ние самите го креираме. Гледачите преку самата актерска игра која во принцип е театарска експресија кај целата екипа, ќе може да следи се’ што се случува. Сметам дека претставата не многу атрактивна и досега првпат ќе игра“, додава младиот режисер Јован Ристовски.

Со „Сонетите“ на Шекспир, Ангелчо Илиевски, кој претходно работел во Хрватска и Србија, ја има првата професионална режија во Македонија.

„Преку самите сонети на Шекспир што се поезија и немаат никаква драмска структура, успеавме да раскажеме една приказна, од поезија да направиме драма, а потоа и претстава. Има многу емоции во неа, многу состојби, многу недокажани работи. За мене поезијата на Шекспир е океан од емоции, о дсостојби, копнежи, тага, среќа“, вели Илиевски.

Драматургот на претставата, Билјана Крајчевска, појаснува дека двајцата режисери се различни по сензибилитет, по форма и содржина, но и по пристапот кон актерите.

„Ристовски ја користи сета шекспирова неконвенционалност, преиспитување и сето она што е блиску до нашаиот современ свет како предлошка за неговата претстава. Илиевски има сосема различен пристап. Тој направи целосна авторска драматизација која се заснова само на сонетите“, вели Крајчевска.

Викторија Степановска не доаѓа првпат на „Охридско лето“ со улоги на Шекспир. Пред неколку години, публиката имаше можност да ја види во улогата на Офелија во „Хамлет“, режиран од Дејан Пројковски, а мината година беше дел од „Антоније и Клеопатра“.

„Имавме еден одличен процес работејќи ја оваа претстава и навистина се забавувавме на пробите. Добиваме одличен „бидбек“. Се надевам дека и публиката ќе ужива. Големината на Шекспир е што и по многу одиграни претстави, откриваш нови работи“, вели Степановска.

Во „Сонетите“ на Шекспир игра и Петар Мирчевски, доајенот на филмското глумиште на Македонија и кој во има одиграно многубројни улоги на Шекспир.

„На „Охридско лето“ имав еден од најголемите успеси во мојот живот. На фестивалот, во 1991 година ја имав премиерата на „Сирано де Бержерак“. На различни локации сум одиграл многу улоги и затоа сум многу носталгичен“, раскажува Мирчевски.

Претставата „Сонети“ се вклопува во фестивалскиот концепт за одбележување на 400 години од смртта на Шекспир.

Според директорот на Битолскиот народен театар, Валентин Светозарев, има многу причини зошто и Битолскиот театар го одбележува Шекспир.

„Во регионот,Битолскиот народен театар можеби има поставено најмногу претстави на Вилијам Шекспир. Веќе четири години организира еден огромен фестивал кој се нарекува „Битола Шекспир фестивал“. Битолскиот театар со огромна љубов секоја година се обидува на некој начин да му посвети внимание на големиот автор, а и оваа година, како и целиот свет, влеговме во одбележувањето на 400 години од смртта на Шекспир. И можеби најважната причина поради која сме тука, е што во нашата најнова шекспирова продукција поточно „Сонетите“ на Вилијам Шекспир, не случајно го прават нашите најмлади режисерски сили,“ вели Светозарев.

Препејувач на „Сонетите“, но и на целокупното творештво на Шекспир, на македонски јазик е Драги Михајловски.

Битолскиот народен театар годинава двапати ќе учествува на „Охридско лето“. На 3 август ќе ја изведе театарската претстава „Бар-Ремарк“ од Ерих Марија Ремарк, а во режија на Александар Барган.

10689764_10203328640876126_1588140067023020182_n-300x300