Претседателот на СДСМ, Заев му посака успех на атлетичарот Ристе Пандев на Олимпијадата во Бразил

Успешен настап на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, денеска, градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев му посака на атлетичарот Ристе Пандев. На средбата во кабинетот, градоначалникот Заев на Пандев му подари икона на Исус Христос изработена од монахињите во манастирот во Вељуса и му посака сила, верба и истрајност во големиот предизвик пред кој се наоѓа. На средбата на која присуствуваа и тренерот Ване Стојанов и директорот на клубот, се разговараше за реализираните подготовки и очекувањата од учеството на Олимписките игри и за континуираната поддршка која што општина Струмица им ја дава на спортистите.

„За Струмица претставува посебна чест, денеска сум со Ристе Пандев, еден од шестте македонски олимпијци кои што ќе учествуваат на 31-та Олимпијада во Рио Де Женеиро во Бразил. Струмица е препознатлива по спортот, еве уште еднаш тоа се потврдува, голема и значајна работа е да се учествува на Олимпијадата и од 6 наши претставници, едниот да биде токму од Струмица. Навистина, Ристе Пандев заслужува да учествува, тој веќе својот успех го има постигнато со самото учество на Олимпијадата. Струмичани ќе бидат заедно со него, нашите срца ќе бидат со него на трката од 100 метри. Оваа денешна средба е истовремено порака до сите кои што одлучуваат во оваа наша Македонија дека спортот е вреден за внимание, атлетиката од секогаш била гордост на Македонија, Струмица дава големи атлетичари како што е и Ване Стојанов неговиот тренер кој што учествуваше на Олимписките игри и верувам дека во иднина ќе се изнаоѓаат се поголеми можности да се помага токму и овој спорт. Општина Струмица го помага целиот спорт и атлетиката, овој пат дадовме и свој придонес за неговото патување и сите заедно со стегнати палци ќе ги следиме 31-та Олимпијада каде што ќе учествуваат шест наши претставници, а еден од нив е и нашиот струмичанец Ристе Пандев,“ рече градоначалникот Зоран Заев.

zaev 01.08.2016

Атлетичарот Ристе Пандев му се заблагодари на градоначалникот Заев за приемот и поддршката за учеството на Олимписките игри во Бразил.

Јас сум горд што ќе учествувам на Олимпијадата, за прв пат, горд сум и максимално ќе се трудам да направам нов државен рекорд кој исто така е мој личен резултат, рекордот на Македонија е 10,61 јас се надевам дека ќе истрчам под 10,60. Ќе ги бранам боите на Македонија, да се гордее Струмица, да се гордее мојот тренер Ване Стојанов, да се гордее Градоначалникот и сите останати“, рече Пандев.