Кривична пријава за две лица од Охрид поради незаконит риболов

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконит риболов“,СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.З.(31) и Е.З. (27) двајцата од Охрид. Првопријавениот Е.З. се товари и за сторено казнено дело „загрозување на сигурноста“.

На 16-ти јуни оваа година околу 18 часот, пријавените, во водите на Охридското езеро, кај месноста “Грашница”, поставиле риболовна мрежа „крапарка“ во должина од 80 метри со цел незаконито да ловат риба. Тоа го направиле иако знаеле дека во тој период, поради мрест е забранет секаков вид риболов.

Нелегално поставената рибарска мрежа, во 19 часот и 20 минути била забележана од страна на рибочуварите на концесионерот на Охридското езеро, по што, согласно Законот за рибарство и аквакултура, биле преземени мерки за вадење на мрежата.

Забележувајќи го тоа, пријавените со чамец се упатиле кон пловилото на двајцата овластени службени лица. Притоа, првопријавениот Е.З. на двајцата рибочувари им упатил сериозни закани дека ќе ги нападне, ќе им ги запали возилата и ќе им наштети на нивните деца. Веднаш потоа почнал да фрла со камења со што на двајцата рибочувари, сакајќи да ги заплаши им ја загрозил сигурноста при вршење на службата.

Двајцата пријавени се познати сторители на кривичното дело “незаконит риболов“, за што повеќе пати се казнувани со затворски и парични казни.