До 15 часот пронајдени телата на 21 загинат во невремето во Скопје

До 15 часот денеска, по прегледот на теренот во подрачјата кои се најпогодени од невремето, пронајдени се вкупно 21 загинато лице во вчерашната елементарна непогода што го зафати главниот град, соопшти попладнево Министерството за внатрашни работи.

„Идентификувани се 20 лица и телата на починатите се предадени на семејствата, а за едно лице сè уште трае утврдувањето на идентитетот. Починатите лица се пронајдени на подрачјето на Гази Баба односно Сингелиќ, Стајковци, обиколница Смилковци и село Црешево“, велат од МВР.

За начинот на преземање на мерките, бил запознаен и дежурен Јавен обвинител, кој не излегол на лице место, но, како што информираат од МВР, дал „конретни насоки за начинот на постапување на полициските службеници во делот на идентификување на настраданите лица“.

Од МВР информираат дека во тек се расчистувањето на последиците од вчерашното невреме.

„Од страна на противпожарната бригада се испумпува водата на критичните точки, а редуциран сообраќај има на дел од обиколница и на правецот од населбата Ченто кон селото Арачиново, додека во централното градско подрачје сообраќајот е нормализиран“, додаваат од Министерството.

Извор: meta.mk