Информација во врска со елементарната непогода која завчера во попладневните часови го зафати Скопје

На 06.08.2016 година со почеток во 18.45 часот полициски службеници од СВР Скопје, а координирани од страна на Единицата за информации и команда, започнаа со преземање на мерки и активности согласно План за преземање на мерки и активности за превенција, рано спречување и справување во услови на кризни состојби со земјотреси, поплави, свлечишта и одрони од земја од 24.02.2015 година, при што беа ангажирани 70 полициски службеници, 4 комбиња фолксваген, 5 дефендери и 5 јети, кои постапуваа веднаш по секоја добиена пријава од граѓани од подрачјето на Град Скопје за поплавен реон, со констатирање на сите состојби и пренасочување на сообраќајот.

Во временската непогода која го зафати Скопје и неговата околина, најзагрозени беа населените места с. Стајковци, Синѓелиќ, с. Смиљковци, с. Црешово, с. Брњарци, с. Виниче, како и дел од обиколницата на автопатотот кој гравитира од населбата Радишани кон с. Арачиново, но и други реони на градот.

Во текот на целокупната активност од страна на МВР – ОСПОЕ ангажирани беа 226 ПС, 34 дефендери, 16 пинцгауер, 5 џип чироки, 5 хермелини, 3 хамери, 1 подвижна механичарска работилница, 3 санитетски возила и 3 хелихоптери, кои првично излегле на местото на настаните во 19,15 часот.

На 07.08.2016 година во 03.00 часот во формираниот штаб, лоциран во објектот на БППЗ Скопје, беше одржан втор состанок на кој учество зедоа Министерот за економија, Министерот за здравство, Директорот на ДСЗ, претставници од АРМ, претставници од ЈП „Водовод и канализација“, претставници од БППЗ, Началник на ЦПС и Помошник началник за јавна безбедност во СВР Скопје. На состанокот беа донесени одлуки за начинот на постапување и преземање мерки после настанатата временска непогода, при што беа дадени конкретни задачи на сите вклучени државни органи и тоа во делот на претрес на терен, со цел пронаоѓање на настрадани лица и настанати штети, како и воспоставување на елементарни услови за живеење (достава на вода, храна, лекови и сл.). За таа цел, подрачјето зафатено од елементарната непогода, поделено е на два реона и тоа:

Прв реон – обиколница кај Смилковско езеро, Камник до ул. „Алија Авдовиќ“, на кој терен претрес врши Армијата на Република Македонија и

Втор реон – од ул. „Алија Авдовиќ“ кон с. Арачиново на кој терен претрес врши МВР при што се ангажирани околу 250 полициски службеници од повеќе организациони единици во МВР и тоа од ЕСЗ, ЕБР, ПЕП, ПС ОН при СВР Скопје и ЕЈРМ.

Во населбаЧенто на ул. „Алија Авдовиќ“ во близина на џамијата и во населба Економија, каде беа регистрирани наноси од вода над два метри, со гумени чамци беа извлекувани загрозените лица од нивните домови, кои биле качени на повисоките делови од нивните домови, како и лица кои во моментот се нашле со нивните возила.

Од страна на припадници на ПЕП кои беа поделени во две групи, од кои едната група со четири „Пинцгауери“ со одговорен командир на одделение и со екипа од ТППЕ и еден чамец беше вршена евакуација во с.Сингелиќ и с.Стајковци, додека другата група со возило „Чироки“ и три „Пинцгауери“ и со еден припадник на ТППЕ и еден чамец беше вршена евакуација во месноста Економија во населбата Ченто. Во периодот од 21,30 до 04,00 часот од страна на припадниците на ПЕП на двете локации извршено беше евакуирање на околу 300 до 400 лица кои беа носени до првата безбедна локациија од каде можеа да бидат пренесени со други возила или до населбата Автокоманда.

Поради непристапниот терен до објеките на ул. „Алија Авдовиќ“ во правец на населба Ченто кон Стајковци, како и страничните улици кои водат кон населбата Камник во делот на улиците „Роман Каскалиевиќ“, „Дурмиторска“ и други помали улици кои гравитират во тој дел, а беа зафатени од силното невреме, од страна на два вода на ОСПОЕ, пешки и со гумен чамец беа пробивани водените препреки во содејство со работни машини (багери) ангажирани од Град Скопје за расчистување на наносите на патните правци и беа извлекувани лица од заглавените и однесени возила од водата од страничните канали на патот при што беа спасени околу 200 лица од кои дел од нив беа извлечени на безбедно место и со камиони од АРМ евакуирани во пунктот на последна 45. Од страна на пеш ангажираните припадници на ОСПОЕ беше пробиен патниот правец до с.Стајковци каде што висината на водата била околу 1,5 метри при што од село Стајковци беа евакуирани околу 300 лица, меѓу кои поголем дел жени, деца, стари и изнемоштетни лица.

Од населбата Економија во правец на надвозникот кон Арачиново исто така беа извлекувани и граѓани од патнички моторни возила кои биле потполно потопени и заглавени во непроодни терени и ниви близу обиколницата на потегот на Радишани до село Арачиново.

Претресот на теренот беше завршен во 14,00 часот на 07.08.2016 година при што беа пронајдени неколку лица, како и лица кои настрадале во невремето, а во текот на ноќта беа пронајдени и повеќе тела на лица зафатени со поплавата. При тоа евакуирани беа околу 2000 лица и укажана им беше медицинска помош на околу 500 лица.

По извршениот претрес на терен, а по претходно договорена динамика за работење, од страна на екипите на терен, а во согласност со насоките од дежурен јавен обвинител за подрачјето на Град Скопје, екипа во состав од ЕУМНА, крим полиција-насилен криминал, ПС од месно надлежната ПС и тим од погребално Бутел беа пронајдени и идентификувани 21 починато лице сите македонски државјании, а сите се пронајдени на подрачје на општина Гази Баба.

Идентификационата постапка за починатите лица е завршена, а починати се:

1. Бајрам Мустафа(1949) – Гази Баба;
2. Енес Мустафа(2014) – Гази Баба;
3. Катерина Митрова (1933) – Гази Баба;
4. Ѓилмаз Мухареми (1940) – с. Сингелиќ – Гази Баба;

5. Наде Илиевска (1955)- с. Стајковци – Гази Баба;

6. Блага Јовевска (1941)- с. Смиљковци – Гази Баба;

7. Мурат Саити (1957) – с. Сингелиќ – Гази Баба;
8. Марина Ивановска-Велиновска(1977) – Крива Паланка;

9. Јован Велиновски (2008) – Крива Паланка;

10. Жаклина Божиновска(1973) – Куманово;
11. Фуркан Фејзула (1987) – Гази Баба;

12. Сашко Митковски (1971) – с. Црешево – Гази Баба;
13. Ќазим Исени (1933)– Гази Баба;
14. Љубица Димчевска (1935) – с. Црешево – Гази Баба;

15. Земрије Синани (1985) – Гази Баба;
16. Ендрит Синани (2010) – Гази Баба.
17. Славка Илиќ (1956) – Гази Баба;
18. Томислав Илиќ (1950) – Гази Баба;
19. Мирче Митковски (1949) – с. Црешево – Гази Баба;

20. Достана Димитриевска(1974) – Тетово;
21. Убавка Јовевска (1965) – Гази Баба.

Во временскиот период од 06 до 08.08.2016 година во Единицата за информации и команда и ПС ОН на подрачје на СВР Скопје, а во врска со временската непогода која го зафати Скопје и неговата околина, сообраќајот кој беше во прекин на повеќе раскрсници, подвозници и клучки во град Скопје, се одвива нормално и со пренасочувања доколку е потребно, освен на ул.„Алија Авдовиќ“ и обиколницата од клучка Радишани до с.Арачиново, каде се одвива во отежнати услови заради работење на ангажираната механизација за расчистување на настанатите штети од поплавата.

До 14,00 часот на 08.08.2016 година Секторот за внатрешни работи Скопје нема добиено пријава за исчезнати лица.

Министерството за внатрешни работи во услови на кризна состојба во Република Македонија презема мерки и активности во насока на реализација на задачите во услови на кризна состојба предвидени во член 11 став 1 точка 2 од Упатството односно воспоставување на нарушен јавен ред и мир на подрачјето зафатено со криза, формирање на полициски патроли и контролни пунктови на сите влезни и приодни патишта и зголемена позорно-патролна служба; воспоставување на режим на движење на патиштата и регионот, придружба и ескорт на потребна помош и механизација до местото на криза; пребарување и помош на настрадани и зафатени лица со кризната состојба; блокирање на поширок и потесен простор во и околу подрачјето зафатено со криза, како и други мерки и активности согласно констатираните потреби.