Јолевски: Македонските бранители никогаш нема да бидат заборавени

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски како и делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија положија венци со свежо цвеќе пред спомен-плочата во месноста Карпалак и пред комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.

„Денес е тажен ден за Република Македонија, тажен ден за семејствата, тажен ден за сите нас. Ден на кој со голема тага и болка во душата ја одбележуваме петнаесетгодишнината од масакрот кај Карпалак. 15 години болката и тагата не потсетуваат за загубата на нашите колеги, татковци, синови и сопрузи кои засекогаш ќе живеат во нашите срца и никогаш нема да бидат заборавени“ – истакна министерот Јолевски во своето обраќање во Прилеп.

Чест ми е да оддадеме почит и да се поклониме пред споменикот на нашите бранители кои застанаа на браникот на татковината во одбрана на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет. Министерот Јолевски додаде дека загубата на бранителите вечно ќе не потсетува дека слободата на татковината немаат цена, наша должност е да продолжиме да оддаваме почит на делото и на жртвата на нашите бранители.

Градоначалникот на градот Прилеп, Марјан Ристески во своето обраќање истакна: Прилеп денес со големо достоинство чествува во името на нивната храброст и херојство. Болката за нивната прерана смрт не може да се потисне ни по 15 години. Со оваа заедничка средба, стоејќи пред нивниот споменик докажавме дека тагата не сплотува и не прави посилни и дека никој не може да не оттргне од нашата намера да ја сакаме и браниме нашата земја

На денешното одбележување во Прилеп присутните со едноминутно молчење оддадоа почит и кон трагично загинатите граѓани кои ги загубија своите животи во невремето кое го зафати скопскиот регион.

Во текот на денешниот ден министерот Јолевски ќе ги посети и подрачјата зафатени од неодамнешното невреме во тетовскиот регион.

This slideshow requires JavaScript.