МНР: Повеќе држави и понудија помош на Македонија

До Република Македонија помош за справување со последиците од невремето во Скопско и во Тетовско досега понудиле бројни пријателски држави. Првите понуди за помош пристигнаа од државите од поширокото соседство како Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Турција и Хрватска, а понуда за помош се уште пристигнува, информираат од Министерството за надворешни работи.

„Во моментов се работи на специфицирање на конкретните потреби на Република Македонија во справувањето со вонредно настанатата состојба, по што ќе биде и официјално побарана меѓународна помош“, посочија од МНР.

Република Македонија, посочуваат од МНР, викендов ја зафати најголемата елементарна непогода во последната деценија. Во поплавите во Скопје животот го загубија 21 лице и над 70 се повредени. Владата на Република Македонија денеска прогласи и ден на жалост. Силите на Министерството за внатрешни работи и АРМ, заедно со Црвениот крст на Република Македонија и граѓани-волонтери сеуште се на терен и работат на расчистување на теренот. Воедно, започнати се бројни хуманитарни акции за оштетените семејства, потсетуваат од МНР.