Над 1.300 нови вработувања во ТИРЗ, се очекуваат нови инвестиции

Нови 1.300 до 1.400 вработувања се очекуваат да се отворат во технолошко-индустриските развојни зони до крајот на годината. Заклучно со минатата година во технолошко-индустриските зони се отворени 5.100 работни места, а само годинава се креирани 1.050 работни места.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо го информираше премиерот Емил Димитриев дека во моментот се во различни фази на преговори со седум до осум компании и оти очекува две до три компании да донесат позитивни одлуки за инвестирање до крајот на годината.

„Сметам дека извештајот на ИБМ во делот на рангирањето на Македонија како најдобра земја во светот по новоотворени работни места по странски директни инвестиции, дополнително ќе влијае во привлекувањето на нови инвеститори во Македонија. Зоните во Република Македонија имаат силен ефект врз економијата, особено во делот на отворањето нови работни места и во делот на извозот. Затоа нашата политика како Влада ќе продолжи во таа насока – да привлекуваме странски директни инвестиции“, изјави Димитриев по средбата со раководството на ТИРЗ.

Тој напомена дека странските инвестиции имаат важен удел во извозот, односно оти учествуваат со околу 36 проценти во вкупниот извоз на Македонија.

Директорот на ТИРЗ истакна дека во време на политичката криза, странските инвеститори само ги пролонгирале одлуките за инвестирање, но оти во ниту еден момент не донеле конечна одлука дека нема да инвестираат во Македонија.

„Ниту една компанија експлицитно не кажа дека нема да инвестира кај нас, туку одлуките ги пролонгираа. Но сметаме дека сега веќе успеавме да ги амортизираме сите тие надворешни притисоци кои беа поврзани со привлекувањето на странски инвеститори“, рече Мизо.

При денешната посета на ТИРЗ Бунарџик, премиерот Димитриев изврши увид во градежните работи на фабриката „Хајтек“ и втората фабрика на „Ванхул“. Раководството од македонската компанија „Хајтек“ планира до крајот на годината да заврши со градењето на фабриката и во почетокот да вработи 100-тина лица, а потоа согласно планот да се вработат вкупно 300 лица.

Компанијата „Ванхул“ пак која го гради вториот свој капацитет во Македонија ќе инвестира 15 милиони евра и планира да се отвори 400 директни работни места. Со оваа странска инвестиција ќе бидат отворени дполнителни 100 индиректни вработувања преку компанијата „Актива“ која работи со „Ванхул“.