Почна исплатата на авансната помош за поплавените

Почна авансното обесштетување на семејствата од поплавените подрачја. Вкупно 2.154 лица, кои беа опфатени во евиденцијата на Комисијата за проценка на штетите во скопскиот и тетовскиот регион можат да ги подигнат парите на шалтерите на банките со документи за идентификација – лична карта или пасош.

Министерството за финансии вчера ги префрлило парите на посебните наменски сметки во деловните банки.

„Исплатата ќе продолжи и во наредниот временски период, согласно податоците кои ќе ни бидат доставувани од Комисијата за надомест на штети. Се работи за префрлање средства на 2.154 граѓани“, изјави вчера министерот за финансии Кирил Миноски.

Секое семејство треба да добие надомест од 500 евра, кои им се неопходни за почетно санирање на штетите. Аванс ќе им биде исплатен и на другите поплавени семејства.

Како тимовите за проценка на штети завршуваат со работа во домовите, така и граѓаните телефонски ги пријавуваат своите сметки во деловните банки на кои треба да им се префрлат парите од авансното обесштетување. Пријавувањето се врши на четири фиксни телефонски линии и на мејлот на Министерството за финансии и со СМС порака со име и презиме и име на банката на мобилниот број 070/271-410.

Откако тимовите за проценка на штети ќе завршат целосно со работата, ќе следува исплатата на штетата, при што износот на авансното обесштетување ќе биде одбиен од целата сума.