Привршува конзервацијата и ревитализацијата на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга

Привршува проектот за конзервација и ревитализација на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга. Увид во активностите денеска изврши министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која оцени дека се работи за многу богат и колоритен фрескоживопис, кој ретко може да се види во другите наши цркви.

„Станува збор за доста специфична работа. Фрескоживописот во црквата се простира на површина од 600 метри квадратни. Доста е сочуван, но пред реставрацијата целиот беше во темна боја. Сметавме дека е од огромна важност да се конзервира и целосно да се ревитализира“, истакна Канческа-Милевска.

Појасни дека се работи за многу сложен процес – отстранување на подлогите, чистење, конзервирање и документирање со најразлични технологии и техники, за што од буџетот на Министерството за култура досега се издвоени околу 6.300.000 денари, односно над 100 илјади евра. Дополнителни три милиони денари, рече таа, ќе бидат вложени во последната фаза кога ќе се постават и златни елементи, листови на одреден дел од иконостасот и фрескоживописот.

Од огромна важност, според министерката, е што во склоп на црквата се наоѓа и галерија на икони, која е опремена и со видео и алармен надзор што е од исклучително значење за црквата.

„Се надевам дека следната година кога се одбележуваат 750 години од најстарата икона што се наоѓа тука во црквата, а тоа е иконата на Свети Ѓорги победоносец претставен во цел раст, насликан со меч и копје во рацете, која датира од 1267 година, ќе можеме да го промовираме и целосното завршување на проектот за конзервација и ревитализација на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорги“, истакна Канческа-Милевска.

Таа потсети на неколку значајни проекти што Министерството ги реализира во Струга меѓу кои обновата на фасади, конзервација на Струшкиот амам и на реконструкција на Саат кулата, реконципирање на поставките во Природнонаучниот музеј и уредување на депоата…

„Во рамки на проектот за обнова на фасади во старите градски јадра, идната недела ќе почне со работа на две фасади Ружа Несторова Ристова и на Љуба Блажеска, кои ќе бидат завршени годинава. Во завршна фаза се и проектите за уште две фасади што ќе се работат следната година на спомен куќите на Малевски и на Коџоман. Се надевам дека со обновата на овие фасади ќе се врати сјајот на карактеристичната архитектура која ги одбележува овие споменици на културата“, изјави министерката за култура.

Министерството за култура, додаде, продолжува со поддршка на голем број проекти во културата и почитување на нашите културни и уметнички вредности.- Сепак културата е идентитет на нашата држава и навистина тој локален културен развој кој е од огромна важност е еден од приоритетите на Министерството за култура и дисперзија на голем број културни настани и почитување на културното наследство. Ќе продолжиме да го реализираме и во наредниот период, нагласи Канческа-Милевска.

Ленче Мојсоска од Завод за заштита на споменици од Охрид информира дека реализацијата на проектот почна пред три години и оти досега околу 80 отсто од живописот е исчистен од наслагите.

„Најголем проблем правеше маслото кое е употребувано како врзивост на пигментот, потоа таложење од саѓите, како и од свеќите што горат бидејќи парафинот во себе содржи сулфур, а сулфурот прави хемиска реакција и доаѓа до деградација на живописот“, појасни Мојсоска.

Црквата „Свети Ѓорѓи“, според неа, има велелепен и каратеристичен иконостас од 1847 година.

„Долниот дел, т.е перепетните плочи се изработени од камен, а вакви иконостаси многу ретко се среќаваат. Имаме уште еден примерок во црквата „Свети Никола“ во Маврово. Живописот е сликан во 1874 година од браќата Козма, Христо и Исак Макариеви од Галичник“, изјави Мојскоска.

Директорката на Завод и Музеј – Охрид Тања Паскали- Бунташеска потсети на реализираните проекти во Струга меѓу кои ги спомена адаптација и санација на Спомен домот на Браќата Миладиновци, конзервација на Мустафа Челеби џамијата, која во едне дел беше срушена и на турбето кое се наоѓа во склоп на џамијата. Изградивме и административен објект за муфтиството на Струга.