Ренци: 50 милиони евра за обнова по земјотресот

Премиерот на Италија, Матео Ренци, соопшти дека ќе издвои 50 милиони евра за обнова на подрачјата погодени од земјотресот, во кои е прогласена вонредна состојба.

Повеќе од 5.000 спасувачи и понатаму ги пребаруваат урнатините во надеж дека ќе пронајдат некој преживеан од земјотресот, во кој настрадаа 267 лица. Нивните напори во голема мера се отежнати од стотината земјотреси, кои и понатаму се чувствуваат во централниот дел на земјата.

Досега од урнатините се спасени 215 лица.

Ренци, покрај директната помош за обнова, најави и дека жителите од погодени подрачја ќе бидат ослободени од данок и најави нова иницијатива насловена „Италијански домови“, која е одговор на критиките за неквалитетното градење куќи.

Италијанскиот премиер додаде дека сепак е „апсурдно“ да се мисли оти Италија може да направи згради отпорни на земјотреси.

Италијанските медиуми ги критикуваа градежните стандарди во високоризичните подрачја. Некои од урнатите згради неодамна биле обновени, а историските градови не мора да се усогласат со градежните правила за заштита од земјотреси, кои често не се применуваат и при градење на нови згради.

Извор: meta.mk