Агенцијата за млади и спорт им посака успех на параолимпијците

Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов се Македонските претставници на претстојните параолимписки игри во Рио. Тие, заедно со тренерот Бранислав Јовановски и другите сопатници за Рио го најавија учеството на Параолимписките игри, надевајќи се на повторување на успехот од изминатите континентални натпревари.

„На мое големо задоволство, во просториите на АМС беше параолимпискиот тим на Македонија, кој ќе ја претставува нашата земја на Летните Параолимписки игри во РИО, но и тим кој во изминатиов период бележи одлични резултати на меѓународните натпреварувања и во вистинска смисла на зборот покажува како треба да се бориш за националниот грб и татковината.

Изминатите параолимписки циклуси и резултатите на нашите спортисти ми даваат за право да очекувам нови одлични резултати, а зошто да не и медали, иако не сакам да наметнуваме императиви од таков вид, што ќе им претставува дополпнителен товар и притисок на спортистите.

Агенцијата за млади и спорт во континуитет дава поддршка на Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидизирани лица, а нашите спортисти ни возвраќаат со одлични настапи и медали од големите натпреварувања.

Годинава, од буџетот на АМС, досега за Федерацијата за спорт на инавлидизирани лица се издвоени околу 1.200.000 денари, со сериозна поддршка за досегашните меѓународни настапи на нашите стрелачи, за подготовките за РИО, за набавка на нова опрема и реквизити, како и за стручната работа на тренерот и селекторот Бранимир Јовановски.

Во изминатите две децении, нашето спортско стрелаштво е дефинитивно најтрофејниот спорт, особено во делот на Параолимписките игри, почнувајќи од златото Бранимир Јовановски на ПОИ во Барселона 1992, среброто на Ванчо Каранфилов во Атина 2004 и златниот медал на Оливера во Лондон 2012.

Овие тројца наши спортски великани се и носители на највисокото Национално спортско признание, популарната “спортска пензија” и јас верувам дека сеуште можат да ја радуваат македонската јавност со нови спортски успеси“, – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Јовановски истакна дека изминатиов период имале напорен пат, пред се поради промените околу начинот на квалификации за Олимписки игри, но и во делот на правилата на натпреварување.

Златната од Лондон 2012, Оливера Наковска-Бикова изјави дека би сакала да го повтори успехот од Лондон, иако првенствена цел и е влез во финале.

Каранфилов очекува остварување на својот најдобар резултат годинава, чија вредност би му обезбедила сигурен влез во најдобрите осум.

Настапите на нашите стрелци се закажани за 09.09. – воздушен пиштол 10м, а два дена подоцна ќе се одржи дисциплината спортски пиштол – 25м. Последниот настап е закажан за 14.09. кога ќе се одржи дисциплината малокалибарски пиштол-50 метри.