СВП и Тиквеш заеднички ќе ја раскажуваат винската приказна за Македонија

Учесниците на 55. јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата денес ќе имаат несекојдневна можност да творат со вината на Тиквеш. Имено винарската визба Тиквеш обезбеди вино со празни етикети од едицијата „спешл селекшн“ на кои поетите ќе творат и ќе остават траен белег на вината на Тиквеш со стихови од светската поезија.

СВП и винаријата Тиквеш заеднички ќе ја раскажуваат винската приказна за нашата земја што гостите ќе ја добијат од посетата на Македонија.

Приказната за поезијата и виното во еден простор кој уште од антиката бил средиште на духовни и културни настани, чии траги и ден денес предизвикуваат восхит. Добрата песна многу често извирала од добро вино, самото тоа често било инспирација за песна. Умешноста и уметноста во поетска креација и креацијата на виното е творечки чин на кој отсекогаш се воодушевувало човештвото. Оттаму ваквото проникнување е еден суштински, длабоко симболички и несомнено природно е да биде раскажано токму во Винарската визба „Тиквеш“. И тоа токму заради тежнението да понуди врвен светски квалитет на своите вина, со особени карактеристики и вредности, какви што само со беспоштедна посветеност, љубов и знаење можат да бидат создадени.

Уникатните шишиња со стихови на сите светски јазици ќе останат во колецијата на Винарската визба Тиквеш и Струшките вечери на поезијата. Можноста за творење на овој специфичен и несекојдневен начин ќе ја имаат на традиционалниот излет со брод во Свети Наум, а на крај ќе биде прогласена и најдобрата песна „In vino veritas“. Поетите ќе имаат задача и да креираат ново име за вино кое ќе се произведува ви Тиквеш.

Моменти за уживање со вината на Тиквеш учесниците на 55. Струшки вечери имаа и синоќа по портретот на добитничката на „Златниот венец“ Маргарет Атвуд.

Во рамки на возобновената соработка на СВП и Тиквеш за идниот период предвидени се нови проекти во кои ќе се проникнуваат поезијата и виното, а ќе бидат промовирани на нови креативни начини.

Винарската визба „Тиквеш“ и Струшките вечери на поезијата имаат богата заедничка историја. Во 1973 година создадено е виното „Т’га за југ“ во чест на манифестација „Струшки вечери на поезијата“. При една од посетите на група поети учесници на СВП на винарницата, истите предложиле новото вино направено во нивна чест да се вика токму „Т’га за југ“, според истоимената поема на познатиот македонски поет Константин Миладинов.