Шаховската репрезентација ќе учествува на Шаховската олимпијада во Азербејџан

Шаховската репрезентација на Македонија ќе учествува на Шаховската Олимпијада (1-14 септември) во Баку, Азербејџан. Репрезентативците и членовите на стручниот штаб на шаховската репрезентација на Македонија  го најавија својот настап во куќата на спортот.

Rаководството на Шаховската федерација, изјави дека Македонската машка репрезентација ќе настапи со подмладен состав на репрезентативци, кои треба полека да го градат своето меѓународно искуство имајќи ги покрај себе најдобрите македонски шахисти како велемајсторот Трајко Недев, додека пак женската репрезентација ќе ја предводат нашите најдобри млади шахистки (на возраст од 15 до 23 години), за кои овој настап е голем предизвик и мотив за понатамошна работа во шахот.

„Како држава можеме да се пофалиме со високи резултати и тоа на почетокот на новиот милениум постигнавме резултати достојни за почит. На шаховската олимпијада во Истанбул, 2000 година, го освоивме 7-мото место. Следната 2001 година бевме 8 (осми) на Светското првенство во Ереван (Ерменија), а на Шаховската олимпијада на Блед (Словенија) во 2002-та година го повторивме истиот резултат. Нашите шаховски легенди од калиброт на Трајко Недев, Весна Секуловска, Драгољуб Јаќимовиќ и Владимир Георгиев се и носители на највисокото спортско признание, популарната „Спортска пензија“, што дополнително говори за тоа дека Македонија има потенцијал во шаховскиот спорт.

Јас искрено очекувам високи резултати од нашите репрезентативци, особено од предводникот на оваа генерација кој е искусен ветеран и носител на спортско национално признание – Спортска Пензија од Агенцијата за млади и спорт Трајко Недев, кој треба да го трасира патот за идните генерации, кои ќе бидат идни носители на играта на шаховскиот национален тим“, – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.