Димитриев: Владата ќе покаже лидерство, со изборите треба да заврши политичката криза

Во Собранието започна расправата за избор на новите министри согласно договорот од Пржино. Во Владата ќе седнат истите министри и заменици-министри што седнаа за изборите што требаше да се одржат на 24 април.

Премиерот Емил Димитриев посочи дека за кус период се формира Влада за спроведување на изборите и дека по двата неуспешни обиди очекува да бидат организирани фер и демократски избори. Тој очекува посветена работа од министрите и од замениците, што не беше случај минатиот пат.

„Очекувам да покажеме лидерство во сите институции и крајно време е Македонија да има фер и демократски избори и власта да ја вратиме кај граѓаните. И овие сто дена државата мора да функционира и мораме да бидеме посветени на економијата и на отворањето работни места“ – посочи премиерот.

Димитриев нагласи дека ќе се посветат на организација на изборите, но и дека паралелно енергијата ќе се фокусира и на проекти и нема да се заборават ветувањата и програмата. Димитриев потенцираше дека ќе се дава поддршка на сите инстутуции кои имаат надлежност за спроведување на избори и дека Владата ќе покаже лидерство.