Пет години постоење на Музејот на македонската борба

Над 200.000 домашни и странски посетители од околу 80 земји биле во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од септември 2011 година, кога оваа национална установа беше отворена за 20-те години независност на Република Македонија. Секоја година Музејот го посетуваат по околу 50 високи државни делегации, а годишно во него се одржуваат меѓу 150 и 200 настани, од кои триесетина се во негова организација.

Во петте години постоење Музејот стана и полноправна членка во меѓународни асоцијации, воспостави соработка со сродни институции и доби две високи интернационални признанија – специјална награда „Жива“ од Форумот на словенските култури и награда од Европската музејска академија. Во 2017 година Музејот на македонската борба ќе биде домаќин на доделувањето на наградата за најдобар музеј Микелети (Micheletti) што ја доделува Европската музејска академија.

Музејот има и едукативна дејност зашто во него се организираат работилници во кои досега учествувале над 400 ученици, а соработува и со средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од кое ученици интерпретираат изворни песни. Има и богата издавачка продукција, меѓу кои е и објавената монографија и каталогот на сите уметнички слики што ги поседува.

Пет години подоцна, може да кажеме дека успеавме во нашите намери – Република Македонија денеска поседува еден историски музеј со поставка која сеопфатно, слоевито, неселективно и објективно ни ги прикажа најзначајните моменти од современата историја на македонскиот народ, сеќавањата за опстојот и саможртвата на сите револуционери, преродбеници и идеалисти кои сонуваа за независна Македонија. Денес, Музејот на македонската борба е една од најпосетените институции од областа на културата во Република Македонија воопшто, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција по повод петте години од отворањето на музејот.

На вкупна површина од 2.500 метри квадратни, во Музејот на македонската борба преку изложени експонати, слики на значајни настани и личности и нивни восочни фигури, како и преку живи сцени кои го доловуваат амбиентот, е прикажана историјата од почетокот на 19-ти до крајот на 20 век.

Музејот се претвори во достоен репрезент на македонската култура и историја, и пред светските музеолози, но и пред илјадниците посетители од светот, рече директорот на Музејот Бранислав Светозаревиќ, кој им се заблагодари на сите кои го поддржале развивањето на музејот и на поединци, фирми и институции што донирале експонати за збогатување на поставката.

Посочи дека најсилен впечаток, според коментарите на посетителите, им остава целокупната концепција т.е. приказна и дека емоциите и солзите на домашните посетители се најголема пофалба за музејот. Признанија има и од странски музеолози. Еден од нив, како што рече, кажал дека му верува на овој музеј зашто не прикажува само една страна, туку двете страни на историјата – и победите, и поразите.

Светозаревиќ соопшти дека малиот јубилеј Музејот на македонската борба ќе го одбележи на 7 септември, со промоција на брошура, нова веб-страница и со најава на настаните до крајот на годинава. Истакна дека свеченоста ќе биде поскромно организирана зашто одлучиле дел од средствата да бидат наменети за помош на населението од поплавените во Скопско и Тетовско.