Македонија до 21 година на чекор до историски пласман на ЕП

Репрезентацијата на Македонија до 21 година оствари важна победа од 2:0 над Северна Ирска во натпревар од квалификациите за пласман во Европското Првенство во 2017 година во Полска. На круг до крајот од циклусот за ЕП, Македонија е лидер во групата 3 пред Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски одлично го започнаа натпреварот и постојано вршеа притисок кон голот на гостите, кои беа дефанзивно ориентирани и преку контра напади ја бараа својата шанса. Македонија пропушти неколку добри можности за гол, а за издвојување се обидите на Барди и Радески. Ако нашите млади играчи немаа среќа да погодат, тоа го направи Још Доерти, но во погрешната мрежа. Се играше 39. минута кога Даниел Аврамовски остро нафрли пред голот, а Доерти со намера да ја острани опасноста, ја спроведе топката во сопствената мрежа за водство од 1:0 за нашите надежи.

Во вториот дел гостите со обидуваа да стигнат до израмнување, но Македонија ги имаше подбрите можности. Барди, Бабунски и Радески имаа свои обиди кои не донесоа промени, а во 81. по голема грешка на гостинската одбрана, голманот спасуваше од самата гол линија. Сепак вториот погодок за Македоника се случи само четири минути подоцна кога Кире Маркоски украде една топка, продре директно кон голот и со убав удар погоди за 2:0.

Репрезентација до 21 година: МАКЕДОНИЈА – С. ИРСКА 2:0 (1:0)

Стадион ’Филип Втори’ Скопје

Стрелец: Доерти аг. 39’, Маркоски 85’ (Македонија)

МАКЕДОНИЈА: Алексовски, Тошевски, Зајков, Барди, Николов, Радески (Костадинов 90’), Бабунски (Елмаз 81’), Велковски, Маркоски, Мурати, Аврамовски (Пивковски 57’).

Селектор: Благоја Милевски

С.ИРСКА: Митчел, Думинган, Конлан (Пол 87’), Сендлес-Вите, Горман, Томпсон, Чарлес, Лавери (Вајт 75’), Сукес, Смит (Копер 46’), Доерти.

Селектор: Џим Магилтон