Одбележан Светскиот ден за прва помош

Под мотото „Првата помош за и од децата” волонтерите на Црвен крст Охрид заедно со волонтери на Црвен крст Зеволде и Националниот здравствен сервис (НЗС) од Холандија денес на Градскиот плоштад во Охрид го одбележаа Светскиот ден за прва помош.

На еден од поставените пунктови, парамедиците на Црвен крст Охрид и НЗС од Холандија презентираa сложени техники на извлекување на повреден од возило и укажување на прва помош и реанимација со најсовремена опрема и средства, додека на друг пункт најмладите волонтери на Црвен крст Охрид ги покажуваа стекнатите основни знаења за укажување на прва помош. Голем број од посетителите кои имаа желба да го проверат својот крвен притисок, на располагање им беа парамедиците на Црвен крст Охрид.

Овој настан беше можност новите парамедици на Црвен крст Охрид, кои вчера ја завршија дванаестдневната интензивна обука според програмата PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support) водена од страна на тројца инструктори парамедици од Националниот здравствен сервис на Холандија, да ги имплементираат стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош и реанимација во најсложени ситуации.