Ќе се набавуваат по 50 машини за перење и сушење за студентските домови

Педесет професионални машини за перење и исто толку машини за сушење со капацитет до 10 килограми, ќе се набават за потребите на студентите сместени во студентските домови во земјата. Машините ќе работат на систем на жетони.

Машините за перење и за сушење се едно ветување што го дадовме во минатото. Информиран сум од страна на Министерството за образование и наука дека нивни тимови ги посетиле сите десет студенски домови во земјата за да направат проценка каде и колку треба да се набават вакви машини. После таа проценка се направени одредени спецификации за набавката и веќе е почната процедурата со тоа што се пратени материјалите до Советот за јавни набавки којшто треба да ги одобри. Доколку ги одобри, веројатно крајот на септември, би имало објава за набавка, а некаде во јануари ќе бидат достапни и ќе можат да се користат од страна на студентите, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Потсети дека ова е една од 40 ветувања кои им беа дадени на студентите, дел од еден поширок пакет проекти за помагање на младите луѓе во Македонија.

Груевски денеска присуствуваше на промоцијата на 13 нови наслови од проектот „Превод на стручни научни книги и учебници“ од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.