Српската принцеза Јелисавета Караѓорѓевиќ во посета на Охрид

Во дводневна неофицијална посета на Охрид ќе престојува принцезата Јелисавета Караѓорѓевиќ, единствената ќерка на кнезот – кралски намесник Павле Караѓорѓевиќ и на кнегињата Олга.

Принцезата ќе слета на аеродромот Св. Апостол Павле во 14:55 и ќе биде пречекана од делегација на општина Охрид. Таа ќе има прошетка низ градот, ќе ги посети најзначајните културно-историски споменици во старото градско јадро, како и продавниците за филигран и за охридски бисер.

Принцезата Јелисавета е родена во Белград, како единствена ќерка на југословенскиот кнез Павле и на грчката и данска кнегиња Олга. Нејзин постар брат е принцот Александар. Таа е во второстепено сродство со шпанската кралица Софија и со принцот Чарлс од Велс, а исто така е роднина и со принцот Мајкл, сегашен војвода од Кент, и со принцезата Александра од Кент. Потомок е на српската кралска династија која владеела со Србија, а потоа и со кралствата СХС и Југославија.