Министерот Јолевски на Форумот за армиска поддршка на цивилните структури во државата

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски учествуваше во работата на Форумот „Правни аспекти на поддршката на цивилни институции и организации од страна на одбраната“ што во организација на Амбасадата на САД и Министерството за одбрана денеска се одржува во Охрид.

Денешниот состанок се одржува како дел од проект започнат пред една години, во чии рамки припадници на националните државни институции што се задолжени за справување со кризи беа во посета на државни институции на САД, при што се запознаа со начинот како се координираат активностите на Армијата и Националната гарда на САД при елементарни непогоди и други кризни ситуации.

„Експерти од САД тука ги споделуваат нивните искуства за координирање на акциите на државните институции“, рече Јолевски.

Што се однесува на неодамнешните поплави што го зафатија скопскиот регион, министерот Јолевски потсети дека Армијата на Република Македонија уште од самиот почеток на кризата излезе на терен, справувајќи се со последиците на елементарната непогода.

„После сите овие настани МО прави анализи за тоа како било одговорено на предизвикот, како може во идинина подобро да се реагира во слични ситуации. Тука сме да се запознаеме со начинот на кој американските државни институции реагирале во услови на кризи како што беше налетот на ураганот „Катрина“ во Луизијана, потоа во кризни ситуации во Њу Џерси, поплавите во Вермонт… Размената на искуствата со САД и останатите држави на НАТО се мошне значајни за нас“, истакна тој.

На форумот во Охрид учествуваат 47 експерти од министерствата за обрана, за надворешни и за внатрешни работи, од Кабинетот на претседателот, од ЦУК, од Генералниот секретаријат на Владата на РМ, како и експерти и предавачи од националните институции во САД.