Прес конференција за CISM регулативите за одржување на Светски воени првенства

По повод 31то светско воено првенство во борење кое ќе се одржи во ВИП Арената „Борис Трајковски“ денес се одржа прес конференцијата по CISM регулативите за одржување на Светски воени првенства. На конференцијата се обратија полковник Нелсон де Хесус Лопез, официјален претставник на CISM за првенството, потполковник Марко Корпела, претседател на боречкиот спортски комитет на ЦИСМ, Сен Левент, неутрален судија на Светската боречка федерација, Димче Трајков, потпретседател на Македонската спортска боречка федерација и полковник Борко Симоски, шеф на македонската делегација и претседател на комитетот за организирање на првенството.

Официјалните претставници на партнер организациите истакнаа дека надгледувањето на 31то светско воено првенство во борење ќе се одвива во строги рамки на правилата на нивните организации и согласно правилата на светската боречка асоцијација. Тие им порачаа среќа и успех на учесниците и изразија надеж дека најдобрите ќе победат. На новинарско прашање во однос на проверка за допинг на натпреварувачите, шефот на македонската делегација полковник Симоски рече дека извршени се девет допинг контроли и дека секојдневно ќе се вршат медицински прегледи врз натпреварувачите.

dsc_6960_resize

На 31. светско воено првенство во борење учество ќе земат околу 400 спортисти од 32 земји од 4 континенти. 19 натпреварувачи биле дел и од олимписките игри во Рио, годинава, а неколкумина се и носители на златни медали од олимписките игри и светските првенства. Република Македонија ќе биде претставена од 18 припадници на Армијата, а дополнително од земјата учество ќе земат и 3 судии и 2 тренери.

Министерството ги повикува сите љубители на спортот да го посетат Светското воено првенство во борење кое ќе се одржува во периодот од 21-25 септември во нашиот најголем спортски центар, ВИП Арената „Борис Трајковски“. Влезот за следењето на натпреварите е слободен.

dsc_7016_resize