Одбележан Светскиот ден на мирот

На Градскиот плоштад, денска, со пригодна свеченост се одбележа Светскиот ден на мирот. По тој повод членовите на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, симболично маршираше од нивното седиште по Кеј Македонија до Градскиот плоштад. Во име на градоначалникот на Охрид, се обрати заменик градоначалникот, Ангел Јанев кој упати порака за сочувување на мирот и негување на различните вредности.

„Не само овој, секој ден е божји и треба да се потсетуваме дека неубавите работи зависат од луѓето. Но и убавите, прекрасните, како: домот, семејството, слободата, мирот, добрососедството, почитувањето на блиските и помалку блиските, на оние кои се од иста но и од различна религија, боја, убедување, размислување. Почитувајки ги овие вредности, го создаваме и градиме мирот, слободата, личноста, градот, сопствената држава и сопствениот идентитет. Потсетувам многу генерации дека: Се што постои во некоја друга земја може да се оствари и во Македонија, Но, се што има во сопствената земја, го нема во странска земја. Да се зборува на мајчиниот јазик, Да се движите слободно, Да се чуствувате слободно, Да заработувате и напредувате, Да створите дом и семејство, во сопствената земја, на сопствениот јазик. Е тоа е мирот и слободата. Изборот е наш“, рече заменик градоначалникот Јанев.

Од страна на актерот, Ивица Цонев, беше прочитана годинешната порака за мир од Генералниот секретар на Организацијата на Обединети нации, Бан Ки Мун, која гласи:

„Секоја година, по повод Меѓународниот ден на мирот, Обединетите нации бараат светските народи да се сетат на нивната хуманост и да се обединат во градењето на слободна иднина. Обединетите нации не повикуваат да учествуваме во еден ден без насилство и со глобален прекин на огнот да оддадеме почит на престанокот на конфликтите во текот на овој ден,“ стои во пораката од Бан Ки Мун.

Свое обраќање пред присутните имаше и претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца.

„Меѓународниот ден на мирот го изразува најдлабокиот копнеж на народите за заеднички живот, слобода и еднакви слободи и права. Темата за 2016 година е “Градење на блокови за мир” со цел да се одбележи 32 – годишнината од усвојувањето на Декларацијата за мир меѓу луѓето и народите, од страна на Обединетите нации“, истакна Гоце Ѓорѓиевски.

Во рамки на манифестацијата се одржа и културно уметничка програма од страна на децата од општинските основни училишта и најмладите од детската градинка.