Врвни тренери од странство ќе бидат дел од Спортската академија

Врвни спортски тренери од странство ќе бидат агажирани да работат и да пренесуваат знаење и искуство на учениците од Спортската академија, кои се определиле за некој од спортовите фудбал, ракомет, кошарка или тенис.

Ова денес го истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски при посетата на Спортската академија, при тоа додавајќи дека оваа мерка за поддршка и развој на македонскиот спорт ќе започне да се спроведува од следната година.

„Станува збор за исклучителна мерка која треба многу да го подобри и да го поддржи квалитетот на спортот и развојот на спортските таленти во Република Македонија кои во нејголем дел се во оваа специјализирана установа. Идејата за ангажирање врвни спортски тренери за четирите спорта во Академијата ќе биде дополнување и поддршка на веќе актуелниот стручен кадар кој го реализира тренажниот процес во училиштето. За развој на спортот е неопходен меѓународно признат тенерски кадар за да даде стручно знаење, а ние како Министерство да дадаеме поддршка за правилниот развој на овие спортски таленти кои потоа треба да го носат државниот дрес“, изјави Ристовски, додавајќи дека се планира првиот ангажиран тренер со меѓународно искуство да биде за фудбал.

Директорот на Спортската академија Дејан Јовановски смета дека новата мерка за ангажирање странски тренери ќе донесе бенефит во два сегменти.

„Создавање врвни спортисти кои ќе бидат носители на нашиот национален спорт, а од друга страна – со ангажирањето квалитетни тренери ќе останеме и во непосреден контакт со светските трендови за едукација и доедукација на нашиот веќе постојан тренерски кадар, и контакти во однос на меѓународна размена на искуства“, рече Јовановски.

Во Спортската академија минатата година се реализираше проектот тренери-гости за сите четири спортови, при што во последното тримесечје од учебната година со учениците работеа познати тренери од Македонија меѓу кои Лино Червар, Раул Гонзалес, Емил Рајковиќ, Ацо Тодоров, Боби Милевски, Кире Стрезовски и Индира Кастратовиќ.

Најголемиот дел од првата генерација на матуранти од Академијата го продолжи своето образование на Факултетот за физичка култура, но и на други факултети.