Обраќање на Иванов на свечениот прием за учесниците на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Обраќање на претседателот Иванов на свечениот прием за учесниците на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

„Чест ми е како претседател на Република Македонија да ви посакам добредојде во мојата татковина. Вечерва сме собрани во Музејот на македонската борба не затоа што за нас минатото е место каде престојуваме, туку затоа што минатото е нешто на кое се потсетуваме. А, се потсетуваме за да извлечеме поуки и лекции за иднината.

Кога пред 5 години го отворив овој музеј, во него лично ги положив клучните документи на нашата државност. Еден од тие документи е и Декларацијата за суверена и самостојна Република Македонија. Таа декларација беше усвоена од Собранието на Република Македонија на 17 септември 1991-та, само десетина дена по референдумот на кој македонските граѓани ја изразија својата волја за независност и сувереност. Таа декларација сведочи за едно нешто. А тоа е дека од мугрите на независноста, Република Македонија ги прифати сите права, но и одговорности кои произлегуваат од принципите на меѓународните односи, содржани во документите на Обединетите нации, во завршниот документ на КЕБС во Хелсинки и во Париската повелба.

Од тогаш минаа 25 години. На ОБСЕ му беа потребни речиси четири долги години за да ја прифати реалноста на македонската државност и позитивно да одговори на нашето барање за членство.

Но, иако бевме неправедно блокирани, ние не се откажавме од ОБСЕ бидејќи длабоко верувавме во исправноста на принципите на демократијата, човековите права и слободи, правото на човечко достоинство, почитувањето на меѓународното право, владеењето на правото како услов за добро владеење. Не се откажавме, бидејќи верувавме во ОБСЕ. Таа наша доверба и истрајност се исплатеше. Влогот и ангажманот на ОБСЕ во Македонија беше значаен. Ни помогна да достигнеме многу европски стандарди, критериуми и вредности. Благодарение на сето тоа, од корисник на услугите, денес, мојата држава е активен придонесувач во целите на Организацијата. И преку македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, и преку добрососедските односи.

Ценети присутни,

Денес имаме нова реалност во светот. Европа, меѓу другото е затечена од двоен предизвик. Од една страна, милиони мигранти се во потрага по достоинствен живот во најразвиените држави на Европа. Од друга страна, странски терористички борци го злоупотребуваат европскиот дух на отвореност за да го сеат семето на омраза и уништување.

Овој двоен предизвик ја обелодени немоќта на администрацијата и на дипломатијата како примарни механизми на демократските држави. Многу глобални и регионални меѓународни организации не изградија функционални механизми за носење одлуки во услови на криза. За жал, ниту ОБСЕ не е исклучок. И неговите механизми за рано предупредување затаија.

Истовремено, во нашиот регион на Југоисточна Европа одново се јавуваат ретроградни процеси кои ја доведуваат во прашање соработката што макотрпно беше градена во изминатите децении.

Секоја од земјите од регионот се соочува со предизвици, вклучително и Република Македонија. Блокадата на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија стана една од главните причини за постојаната политичка криза што кулминираше оваа година. Со тоа, последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Верувам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите. Само со отворање на европските перспективи за македонските граѓани ќе се излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба.

Токму затоа, ние не се откажуваме од ОБСЕ, бидејќи веруваме дека може да даде дел од одговорот на овој предизвик.

Но, за да го направи тоа, ние, државите членки мора да придонесеме кон трансформацијата на нашата организација. Мора да му помогнеме на ОБСЕ да да го пронајде своето вистинско место во суровиот 21 век. Неопходно е ОБСЕ да се приспособи на промените за да може да се соочи со предизвиците. Тоа ќе го постигне со помалку декларативност, а со повеќе конкретни иницијативи и решенија втемелени врз реалните потреби на граѓаните на нашите држави. А тоа се потреби за слобода, демократија и економски развој. Но, за да го обезбедиме тоа, неопходни ни се безбедност и соработка.

Со таа мисла, на самиот крај, посакувам резултатите од 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ да биде дел од процесот на неопходната трансформација што ќе ни помогне да постигнеме едно нешто. А тоа е заедно да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично европско општество, кое истовремено е и слободно и праведно, и стабилно и безбедно.“ – истакна Иванов.

obse-prm1