ТАВ Македонија: Пораст од 17% на бројот на патници на двата аеродроми во првите девет месеци

Во првите девет месеци од 2016 година, 17% повеќе патници се превезени преку македонските аеродроми, скопскиот Александар Велики и охридскиот Свети Апостол Павле, споредено со истиот период минатата година. Вкупниот број на патници достигна 1.382.714, соопштија од ТАВ Македонија, компанијата аеродромски оператор. Во истиот период, од јануари до септември 2016 година, вкупниот број на полетувања и слетувања на двата македонски аеродроми исто така се зголеми за 11%, на вкупно 13.009 летови.

„Порастот од 17% на вкупниот број на патници во првите девет месеци од годинава покажува дека стратегијата за ширење на мрежата на рути до повеќе и различни дестинации се покажа како успешен мотор за зголемување на патувањата до и од македонските аеродроми. Оттука, нашите главни заложби како менаџмент, силно поддржани од Маркетинг Одделот на ТАВ Аеродроми, како и од Владата како наш партнер, ќе останат фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фрекфенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај. Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром – Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017 година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори“ – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

zoran-krstevski

Како дел од овие маркетинг активности кои постојано се преземаат од страна на аеродромскиот оператор, ТАВ информира дека во текот на овој месец ќе бидат домаќини на полски тур-оператори, при нивната посета на Македонија.

На покана на ТАВ Аеродроми, два големи полски тур-оператори познати по нивните пакет-аранжмани за цела Европа, ќе ја посетат Македонија и Охрид и ќе се сретнат со високи владини функционери и надлежните локални власти. Целта е да ги убедиме да ја воспостават првата авио-врска меѓу Полска и Македонија, со чартер-летови до охридскиот аеродром Свети Апостол Павле од Варшава и од Катовице во текот на летната сезона во 2017 година, објаснуваат од ТАВ Македонија, компанијата што управува со скопскиот и охридскиот аеродром.

Неодамна, француски тур-оператори ја посетија Македонија и Охрид, со цел да ги искусат убавините и туристичкиот потенцијал на Охридското езеро и да воспостават чартер-летови до охридскиот аеродром. ТАВ Аеродроми е во комуникација и со други тур-оператори од Германија, Израел, Грција, Русија и Скандинавските земји, со истата цел – да го зголеми бројот на летови и вкупниот сообраќај на Свети Апостол Павле.

Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека во периодот јануари-септември, најфрекфентна дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (до двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен), а потоа следуваат Цирих, Виена, Базел (Мулхаус), Малме и Лондон (Лутон). Во однос на учеството на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Визер го превезол најголемиот број на патници во првите девет месеци со 53,5% пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 8,7%, Аустриан ерлајнс со 6,4%, Германија флуг си 5,9% и Пегасус ерлајнс со 4,5% пазарен удел.

И карго-сообраќајот на скопскиот аеродром во првите девет месеци годинава забележа значителен пораст од 16,6%, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго-летови за превоз на стоки на извозните компании.

AerodromSkopje