Говор на претседателот Иванов на панелот во рамките на конгресот на Паневропската унија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денес до 10ти октомври престојува во работна посета на Република Австрија, по повод учеството на конгресот на Паневропската унија, што се одржува во Виена.

Во рамки на учеството на конгресот на Паневропската унија, претседателот Иванов имаше свое обраќање на панелот посветен на проширувањето на Европската Унија. Конгресот во организација на Меѓународната Паневропска унија, е по повод 90 годишниот јубилеј од првиот Паневропски конгрес одржан во 1926 година.

„Како претседател на Република Македонија, чест ми е да се обратам на овој јубилеен Паневропски конгрес. Меѓу вас се чувствувам како меѓу пријатели на Македонија. Затоа, сум слободен да зборувам отворено.

Оваа 2016-та година, Република Македонија прославува четврт век од независноста. Од самиот почетокот, постигнавме согласност за нашите врвни стратегиски цели ‒ членство во НАТО и во Европската Унија. Затоа, се залагавме за либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на општеството.

Од каде таа привлечност на Европа? Уште од времето на хуманизмот и ренесансата, па сè до индустриската револуција, Европа била учителка на светот. Европа е културниот и цивилизациски простор што на светот му даде многу гении, творци, градители кои ги откриваа тајните на природата, но и длабочината на човечката креативност.

Тука, во Европа, се водеа најзначајните дебати за човековите права и слободи и за правото на човечко достоинство кои водат потекло од јудео-христијанската идеја за неотуѓивата вредност на секој човек. Тука, во Европа, во последните 60 години се реализираа трите нешта по кои тежнее секој човек: слободата, правдата и мирот.

Првата вредност е слободата. Тука, во нашата Европа речиси осум века одекнува мислата на Алигиери дека „човештвото е во најдобра состојба тогаш кога има најголем степен на слобода”, А таа слобода не е само физичка, туку и интелектуална и духовна. Не случајно, тука, во нашата Европа, Европскиот суд за човекови права уште во 1993-та истакна дека слободата на мислата, совеста и верата се основите на секое демократско општество.

Втората вредност е правдата. Јустинијан во Corpus Iuris Civilis истакна дека правдата е непроменливата и трајна желба да се живее чесно, да не се нанесува повреда и секому да му се дава она што заслужува. Сите ние природно тежнееме кон праведно општество, во кое сите имаат еднакви права и споделени обврски. Водени од желбата за правда, нашите општества на Балканот почнаа да се трансформираат и да ги спроведуваат европските стандарди, критериуми и вредности. Како регион бевме насочени кон Европската Унија.

Тука доаѓаме до третата универзална вредност – мирот. Еден од татковците на Европа, Жан Моне, рече: „Да се гради Европа значи да се гради мир”. На тоа ќе додадам дека европскиот мир не е ништо друго освен грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните. Балканот е одличен пример за оваа трансформирачка моќ. Европската Унија послужи како магнет што ги привлече и меѓусебно ги поврза раскараните, па дури и завојувани балкански држави. Во периодот на високи очекувања од дадените ветувања, балканските држави почнаа да соработуваат и да ја градат меѓусебната доверба.

Овие три вредности создадоа услови за економска благосостојба на Европа. Како една од најголемите светски економии, Европската Унија стана мотор на глобалното богатство. Тоа придонесе Европа да стане супер-сила на животниот стил, привлечна за многу луѓе кои се во потрага по среќа. Делумно, дури и мигрантската криза се јави поради привлечноста на Европа. Цел на мигрантите беше да дојдат до земјите на супериорноста на европскиот стил на живот и со тоа да бидат во свет во кој ќе имаат многу побезбеден и подостоинствен живот.

Денес, многу од овие европски придобивки се доведуваат во прашање.

Почитувани присутни,

Следната 2017-та година ќе се навршат шест децении од Римските договори и една деценија од Договорот од Лисабон. Во тој меѓупериод од 50 години, Европската Унија добро функционираше. Но, светската финансиска и кредитна криза од 2008-та промени сè. Првиот момент во кој Унијата се соочи со сериозна криза, започнаа проблемите. Состојбата денес не е добра.

Поради заморот од проширувањето, привлечната сила на Унијата опадна. Иако културните и цивилизациски корени на идејата за Европа се на Балканот, сепак, Европската Унија долго време ги запостави своите корени. Го остави Балканот неинтегриран, надвор од европските текови. Тоа се одрази и на Балканот, но и на самата Европска Унија.

Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за политичката криза во Македонија што кулминираше оваа година. Но, Република Македонија не е исклучок. Речиси сите држави во регионот се соочуваат со некаков вид внатрешна нестабилност: политички и економски кризи, предвремени избори, па дури и безбедносни закани и зачестени терористички напади. На Балканот повторно имаме ретроградни процеси. Реториката меѓу балканските држави од ден во ден се заострува.

Европската Унија скршна од патот зацртан од татковците на Европа, а тоа е градење мир преку соработка, интеграција и проширување. Моторот на интеграцијата како да останува без гориво. Унијата е оптоварена со сè повеќе бирократија. Заедничките европски политики, институции и механизми ги губат силите за влечење на 28-те, наскоро 27 земји членки на Унијата. Теренот низ кој сега минува Унијата е многу непредвидлив. Светот е сè повеќе поделен, опасен и дезориентиран.

Европа се соочува со неразрешената финансиска и кредитна криза, актуелната мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брегзит, наместо да се обединува и да се проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и да се намалува.

Во вакви сложени услови стана модерно да се даваат апокалиптични прогнози за иднината на Европската Унија. Евроскептиците насекаде се во подем. За Унијата се зборува како за неуспешен проект што е осуден на пропаст. Проблемот со ваквите прогнози е што честопати се самоостварувачки. Ако само ламентираме за пропаста на Унијата, без притоа да понудиме одржливи решенија за проблемите, на крајот прогнозите ќе се остварат.

„Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода.” Овие зборови на Куденхоф Калерги се пишувани во 1933-та година. Тоа е годината кога на власт дојде нацизмот, кој заедно со фашизмот се едни од најголемите непријатели на слободата, на Европа и на човештвото, воопшто. Во време кога многумина се откажале од Европа, грофот Калерги верувал во Европа.

Затоа, да се угледаме на грофот Калерги, на фон Хабзбург, Шуман, Моне, Аденауер и на другите основоположници на Европа. Да не му робуваме на моменталното расположение, на песимизмот и стравот. Стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас. Кризата е последица на неискористени и пропуштени можности. Верувам дека и актуелните кризи се истовремено можности за Европа.

Ова е вистински момент за промена, за пресоздавање на Европската Унија. Ова е вистинското време за Унијата да најде сила за да одговори на потребите на европските граѓани.

Европските лидери треба да помогнат во градењето механизми за брзо носење одлуки во услови на криза. На Унијата ѝ беа потребни 6 месеци за да постигне согласност за мигрантската криза. Додека ја донесе одлуката, веќе имаше нова реалност на теренот, што бараше нова одлука. Се покажа дека бирократските европски механизми не се во состојба да го расчистат патот од натрупаните кризи. Тогаш државите ги зедоа нештата во своите раце. Првпат по падот на Берлинскиот ѕид и Железната завеса се подигнаа огради и жици за заштита од заканата од неконтролирана илегална миграција.

Но, исто така, Унијата треба да покаже одговорност кон своите корени, кон Балканот. Да најде сила да ја продолжи интеграцијата на земјите од нашиот регион. Зачленувањето во Унијата е процес што нè менува. Неодлучноста на Унијата да ги надмине блокадите и заморот од проширувањето доведе до ретроградни процеси во Југоисточна Европа. Наместо да го европеизира Балканот, Европската Унија се балканизираше. Сега е време Европската Унија повторно да се европеизира себеси, а со тоа и Балканот.

Иако, сè уште не сме дел од Европската Унија, ние во Македонија веруваме во Европската Унија. Водени од европската идеја, пред 25 години започнавме да ја градиме европска Република Македонија. Во тој потфат се соочувавме со бројни предизвици. Но, бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели. Унијата ни помогна да ги трансформираме нашите институции. Но, поради неодлучноста на Европската Унија, нашата куќа како да остана недовршена. На сопствена кожа ги почувствувавме предизвиците на нашиот динамичен свет.

Потребно ни е повторно да ја почувствуваме трансформирачката моќ на Унијата, да го завршиме покривот на европска Република Македонија во европскиот Балкан. А во тој потфат може да ни помогнат оние кои најдобро не разбираат. Тоа сте вие, луѓето кои преку Пан-Европа ги посветувате животите на остварување на визијата за отворен и обединет европски континент.“- истакна Иванов.