Бесплатен пристап до научно истражувачката база ЕБСКО и оваа година

Во насока на унапредување на условите за работа на научно истражувачките кадри, професорите и студентите, како и за дополнителен развој на научно истражувачката дејност, Министерството за образование и наука петта година по ред, обезбедува бесплатен пристап до една од водечките светски научно истражувачки бази ЕБСКО, истакна заменик министерот Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.

„На годишно ниво има повеќе од 100 илјади прегледи од корисници од нашата земја, кои електронски го обезбедуваа потребниот материјал, податоци и информации за изработка на соодветно истражување, проект, или било каков труд во одредена област и поради тоа одлучивме оваа можност да биде достапна и во академската 2016/2017 година, петта академска година по ред, со тоа што, отсега Владата во целост ја презема обврската за покривање на трошоците за достапност на ЕБСКО базата, кои изнесуваат околу 75.000 долари на годишно ниво“, истакна Ристовски, додавајќи дека на овој начин се допринесува во ефектуирањето на личниот труд на поединците и за целокупниот развој на научно истражувачката дејност.

Со оваа можност, користење на базата ЕБСКО која постои повеќе од 70 години и содржи над 600.000 електронски книги, списанија со импакт фактор, биографии, документи и современи меѓународни дела, повторно е бесплатна за сите заинтересирани чинители од 5те држави универзитети, Универзитетот на Југоисточна Европа, Македонската академија на науките и уметностите и НУБ Св. Климент Охридски.