Делегација на Царината учествува на семинар „Е-трговијата како можност или предизвик за царинските служби на ЕУ“

Делегација на Царинската управа на Република Македонија, предводена од директорката, Наташа Радеска Крстевска, заедно со високи претставници на царинските администрации од земјите членки на ЕУ, претставници од Европската комисија, Светската царинска организација, како и претставници од бизнис заедницата, учествуваше на семинарот „Е-трговијата како можност или предизвик за царинските служби на Европската унија“, од 10 до 11 Октомври 2016 година, во Краков – Полска.

Целта на семинарот беше учесниците да завземат заеднички и координиран пристап кон предизвиците кои произлегуваат од е-трговијата и можностите за нивно успешно надминување.

Имено, е-трговијата кај пратките со мала вредност кои ги пренесуваат поштите и брзите курирски пошти секоја година се зголемува за 10 до 15 проценти, а со тоа се зголемуваат и загубите во наплатата на увозните давачки, кои во последната година во Европската Унија достигнаа вредност од околу 1,3 милијарди евра. Овие загуби првенствено се резултат на несоодветно декларирање на пратките, отсуство или низок квалитет на информации и размена на “pre-arrival” електронски податоци помеѓу поштите, брзите курирски пошти и царинските администрации.

Ова, предизвикува сериозна загриженост кај земјите членки на ЕУ и од причина што нивниот пазар и населението се постојано изложени на ризици во областа на здравјето, безбедноста, продажбата на фалсификувана стока, дрога и оружје.

Поради тоа е потребно да се создадат најсоодветни механизми со кои ќе се овозможи безбедност и сигурност кај увозот на овој вид стоки, како и наплата на сите давачки кои произлегуваат од овој вид на трговија, преку размена на квалитетни “pre-arrival” електронски податоци помеѓу поштите, брзите курирски пошти и царинските администрации, примена на унапредена анализа на ризик и напредни технологии при контролата, со поголем акцент на пост контролите.

Присуството на овој семинар претставуваше можност, преку неформални билатерални средби, шефовите на царинските служби директно да разменат мислења и иницијативи за идни активности од заеднички интерес.