Одржани Деновите на доживотно учење

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу, денеска присуствуваше на одбележување на Деновите на доживотно учење кое се одржа во Кичево. Лутфиу потенцираше дека Деновите на доживотно учење се одржуваат под покровителство на Министерството за образование и наука уште од 2002 година.

„Би сакал да искажам голема благодарност до домаќинот – Центар за развој на заедницата од Кичево и до главните организатори на манифестацијата – Центар за доживотно учење и ЈУ Центар за образование на возрасните, до партнерските организации кои се приклучуваат на оваа кампања со настани во Тетово, Струмица, Кичево и Охрид и до ДВВ Интернатионал од Бон, СР како финансиски поддржувач на оваа манифестација“, рече Лутфиу.

Лутфиу потенцираше дека преку Центарот за доживотно учење, Македонија во последните 13 години одржува чекор со европските трендови на промоција на доживотното учење.

„ЈУ Центар за образование на возрасните постојано работи на нови проекти за промоција на образованието на возрасни и доживотно учење. Особено сакам да истакнам дека проектот Денови на доживотно учење е моќна алатка за промоција на поимот и значењето на концептите за доживотно учење“, рече Лутфиу.

Министерот нагласи дека образованието и доживотното учење придонесува за јакнење на капацитетите на поединците за зголемување на нивната конкурентност на пазарот на трудот, со цел намалување на стапката на невработеност.

Во своето обраќање, Лутфиу додаде дека од голема важност е поддршката што ДВВ Интернационал од Бон ја дава во областа на образованието на возрасните и доживотното учење, со што придонесува во подигањето на квалитетот на образованието на возрасните и приближување на Република Македонија до ЕУ.