Димитриев-Хеемскерк: Светска банка со позитивни оценки за владините политики

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска се сретна со Франк Хеемскерк, извршен директор во Светската Банка. На средбата соговорниците, изразиja задоволство од позитивните односи помеѓу двете страни кои резултираат со реализација на голем број мерки, проекти и реформи чија цел е економски раст и развој на Македонија и задоволување на реалните потреби и интереси на граѓаните.

Претседателот на Владата изрази благодарност за целокупната поддршка која Светската банка ја дава на нашата земја во спроведувањето на реформите и проектите, како и благодарност до директорот Хеемскерк за неговиот личен ангажман во овој процес. Димитриев потенцираше дека проектите кои се реализираат заеднички придонесуваат за континуираниот економски раст и развој на Република Македонија, за отворање нови работни места и намалување на невработеноста, обезбедуваат услови за поголеми странски инвестиции во земјата и развој на образованието, технолошкиот развој, иновациите и други општествени сфери.

Директорот Хеемскерк даде позитивна оценка за економските политики кои ги спроведува Владата, како и за мерките за унапредување на деловната клима кои се препознаени и вреднувани од страна на меѓународните финансиски институции и организации.

Соговорниците истакнaa дека реализацијата на тековните и идните проекти кои се спроведуваат со соработка на двете страни, а се однесуваат на изградбата на регионална, магистрална и локална патна инфраструктура, инвестирањето во образованието, поддршката на проектите на општините за локален економски развој, имплементацијата на други инфраструктурни проекти, како и потенцијалот на соработка во областа на енергетиката, ќе придонесат за продолжување на економскиот раст на земјата и отворањето на нови работни места.

Премиерот Димитриев и директорот Хеемскерк изразиja подготвеност за силна заложба за продолжување и унапредување на соработката во сите сфери од взаемен интерес.