Министерот Спасовски на конференција „Напорите на Република Македонија во спротиставувањето на насилниот екстремизам- поглед на граѓанското општество“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на презентација на истражување на тема „Напорите на Република Македонија во спротиставувањето на насилниот екстремизам- поглед на граѓанското општество“, во хотелот Мериот во Скопје.

Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски.

„Дозволете ми на почетокот да се заблагодарам на “Аналитика тинк тенк“ на поканата за учество на денешната презентација на едно истражување кое, според мене, е посветено на исклучително сериозна тема “Напорите на Република Македонија во спротивставувањето на насилниот екстремизам – поглед од граѓанското општество“. Тема која што без дилема по својата актуелност, специфичност, и реперкусии е и тоа како важна за македонското мултиетничко општество.

Мислам дека лесно можеме да се сложиме со тезата дека , насилниот екстремизам, како никогаш досега, а особено последнава декада, од така да речам “практична дејствителност“ на некое политичко, идеолошко или верско уверување, се повеќе прераснува во “медиум“ од кој што тероризмот го црпе својот материјал за делување. Всушност глобалниот карактер на тероризмот на некој начин го глобализира и насилниот екстремизам, кој пак ги губи рамките, односно специфичноста на национална, социјална, културолошка, верска или која и да е друга основа за сопственото егзистирање.

Згора на тоа, неспорно е и дека на ваквиот “фит-бек“ меѓу насилниот екстремизам и тероризмот во оваа ера на глобализмот, му погодува фактот што конфронтациите што постојат и што се закануваат да се разгорат во разните региони во светот, добиваат се пошироки општествено-политички, односно цивилизациски предзнаци.

Целта на претходно искажаното е да се обидеме да ја разбереме сериозноста и сложеноста на феноменот на насилниот екстремизам, особено заканувачки во мултиетничките или мултиконфесионални средини, но и во земјите каде што социо-економските прилики претставуваат дополнителен генератор за појава на насилниот екстремизам.

Во тој смисол Балканот, но и Европа генерално, за жал, како да се совршен пример за опсервирање на зададената тема.

Во изминативе неколку години Балканот, вклучително и Република Македонија директно се соочија со појавата на екстремизам кој стана дел од актуелните воено-терористички групации во регионите на жестоки конфликти Либија, Сирија, Ирак… Регрутирањето на наши граѓани како странски доброволци – борци, особено во редовите на светски најозлогласената воено-терористичка групација Исламска држава, неспорно алармираше и бараше од нас итна акција – не само во сферата на законското дефинирање на ваквите криминални активности, туку и во делот на следење, проценка, соработка, координација во врска со сите сегменти врзани со овој феномен. Особено што стана јасно дека таканаречените странски борци станаа еден од клучните елементи во перфорирањето на терористичката закана низ постоечките безбедносни системи. Практично се профилираше еден поинаков пристап во терористичкото делување – далеку посложен и далеку поопасен по безбедноста на државите и на граѓаните. Насилниот екстремизам во својата основа денес го рашири генерацискиот пристап, за сметка на социјалните и верските предиспозиции кои станаа дополнителен “аргумент“ за одредување и регрутирањето на свои приврзаници.

Се разбира, мора отворено да кажеме, дека активностите што се преземаа и се преземаат по однос на насилниот екстремизам се, пред се, од оперативен карактер. Тоа е далеку од реална превенција, од еден широк системски пристап кој би ги детектирал, ама и дефинирал општествените жаришта за појава и развивање на насилниот екстремизам и нус ефектите што тој ги носи.

Секое општество, особено мултиетничките или мултиконфесионални општества како нашето, се должни детално, системски да му пријдат на ваквиот проблем. Политиката тука не смее да си игра пропагандистички и други шпекулативни игри, оти тука не станува збор за натпревар на понуди ами за животите на луѓето. Во таа сфера, барем според мое длабоко уверување, не се дозволени политички егзибиции и политикантски надрилекарства туку стручност, темелност, едногласност, долгорочност само и само во интерес на безбедноста на сите граѓани.

Токму затоа, искрено говорејќи, ме радува фактот што “Аналитика тинк тенк“ се зафатила со ваков крајно сериозен предизвик, од аспектот на граѓанското општество, да даде видување за темата на насилниот екстремизам. Тема која заслужува поширока институционално и општествено внимание и одговор. Оттаму верувам дека многу од денеска изнесеното ќе го најде своето место во идните концептуални, проектни или системски решенија во соочувањето и справувањето со насилниот екстремизам.“