Заврши 5-от Меѓународен фестивал на национална драма во Тетово

Театарски ансамбли од Македонија, Косово, Албанија, Турција и од Швајцарија настапија на годинешниот 5-ти, јубилеен, Фестивал на национална драма во Тетово. Публиката имаше можност да проследи одлични настапи на ансамблите од земјава, но и да ужива во перформансите на театрите од странство.

Фестивалот беше отворен со претставата насловена „Графити“, по текст на Мехмед Краја, а во режија на Фадиљ Хусај, во изведба на гостите од Народниот театар од Косово. На свеченото отворање на Фестивалот, покрај директорот на театарот Валмир Азири, свое обраќање, а воедно и чест да го прогласи Фестивалот за отворен, имаше државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби.

Државниот секретар Шехаби ја нагласи одличната соработка со културната институција и подвлече дека со заеднички напори и голем ентузијазам од страна на Министерството и театарот, издвоени се максимални средства за што поголема афирмација на театарската уметност во Тетово.

„Преку овој фестивал, кој со својот професионален ангажман се најде во редот на еминентни и признати фестивали на оваа територија, и Тетовскиот театар успеа да добие уште поголемо реноме“, потенцираше државниот секретар Бехиџудин Шехаби во своето обраќање пред многубројната публика.

Покрај настапот на гостите од театарот од Косово, публиката уживаше и во театарските перформанси на актерите од театарот од Берн, Швајцарија, кои се претставија со дело во режија на Јоханес Магер. Во деновите кои следуваа свои изведби имаа Албанскиот театар од Скопје, театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп и Експерименталниот театар и театарот „Башарт“ од Албанија.

Фестивалот свечено беше затворен синоќа со гостувањето на Државниот театар од Турција со претставата „Душевен спокој“ од Ахмед Тапинар, а во режија на Нурулах Тунџер.

Фестивалот има натпреварувачки карактер, а жирито, составено од актерот Неџат Бирџик од Турција, драматургот Јетон Незирај од Косово и тетовскиот актер Музафер Етеми, додели пет награди – за најдобра претстава, најдобар текст, најдобар режисер, најдобра актерка и најдобар актер.