Ципрас ја објави новата влада

По целодневен политички трилер, преговори, калкулации, бришење и додавање имиња, вчера доцна вечерта беше објавен новиот состав на владата на Алексис Ципрас. Грчкиот премиер со ненадејната одлука за реконструкција направи делумни измени и ротации во грчките министерства, исклучи 13 стари министри и заменици, донесе 15 нови лица и го зголеми бројот на министерства од 15 на 18. Во новата влада, која има 49 членови, е засилена и улогата на коалицискиот партнер Независни Грци, со уште еден нов заменик-министер од таа партија.

Новиот состав на владата во Грција се оценува како јасна порака од Ципрас до кредиторите дека владата е одлучена да продолжи да ги спроведува договорените реформи без никакви проблеми. Тоа се гледа и од смените и од чистките во министерствата за енергетика, труд и социјална политика, поморство и транспорт, каде имаше противења од министрите за приватизација и за спроведување на реформите.

Во министерството за надворешни работи има неколку изненадувања. Министер останува Никос Коѕис, но во министерството првпат влегува и пратеник од десничарската Независни Грци. Теренс Квик од партијата на Панос Каменос, кој ги поддржува радикалните ставови на партијата против Македонија, е поставен за министер за грчката дијаспора.

Второт големо изненадување е исклучувањето на заменик-министерот за европски прашања Никос Ксидакис, кој изминатите месеци најактивно работеше на прашањето за бегалската криза. Во министерството како заменик влегува и досегашниот министер за труд и социјална политика, Јоргос Катругалос, кој се најде на удар поради пензиските реформи.

Покрај Коѕиас, на истата позиција како и досега, министер за одбрана останува коалицискиот партнер Панос Каменос, непроменет е и министерот за миграција, Јанис Музалас, а промени нема ниту во министерството за финансии кое во ист состав ги продолжува преговорите со кредиторите, како и во министерствата за туризам и за здравство.

Министерот Никос Папас, кој беше одговорен за медиуми, ќе раковди со новото министерство за дигитална политика, телекомуникации и за информации, од каде ќе има повторно надлежности за медиумите во државата.

Големо изненадување предизвика одлуката за целосно исклучување од владиниот состав на досегашниот министер за образование, Никос Филис, кој се шпекулира дека е исклучен поради несогласувањата со грчката црква околу часовите по веронаука.

Ова е трет состав на владата на Алексис Ципрас откако СИРИЗА дојде на власт пред две години.

Опозициската Нова демократија коментира дека реконструкцијата е само рециклирање на истите лица од неуспешната влада на Ципрас, предупредувајќи дека со новата влада државата нема никаква перспектива и што поскоро се потребни политички промени, останувајќи на ставот дека се потребни предвремени избори.

Извор: meta.mk