Честитка од Иванов по повод изборот на нов Претседател на Република Бугарија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Румен Радев по повод изборот за нов Претседател на Република Бугарија.

„Почитуван господине Радев,

Дозволете ми во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија да Ви упатам искрени честитки за победата на претседателските избори. Ви посакувам многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Република Македонија и Република Бугарија споделуваат многу нешта од минатото, но уште позначајно, имаме идентична визија за сегашноста и иднината, како и идентични предизвици. Стабилноста, безбедноста, економскиот просперитет на нашите држави и на регионот е визијата која ја споделуваме. Таа визија ќе биде реалност само преку искрена посветеност во градењето добрососедски односи, максимална соработка на билатерален и на регионален план, забрзана интеграција на целиот регион во евроатлантските структури. Со таков пристап ќе можеме и посоодветно да се соочуваме со предизвиците. Република Бугарија има значајна улога на тој план. Сакам да Ве уверам дека целосно сум подготвен да работам со Вас на остварување на оваа визија. Верувам дека можеме со заеднички ангажман да дадеме личен придонес и очекувам и се надевам на тесна соработка и искрен дијалог.

Во очекување на наша скорешна средба, примете ги изразите на моето највисоко почитување.“