Запленети девизи, фалсификати, делови за покер апарати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, фалсификати, техничка стока, компјутерски делови, мобилни телефони, делови за лифтови, автоделови, сообраќајна дозвола, облека, торби, постелнина, завеси, делови за покер апарати, боров мед и друго.
Задржана е следната стока:

Девизи

– 6.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, патник во македонски автомобил, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Богородица. Во преден џеб од јакната на патникот биле пронајдени 8.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 1.900 евра, откриени при личен претрес на бугарски државјанин кој управувајќи бугарски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Меџитлија. Возачот пријавил дека носи 10.000 евра, но при извршената контрола, во внатрешен џеб од неговата јакна, покрај пријавените пари, биле пронајдени и непријавени 1.900 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 1.500 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Меминген. Во џеб од панталоните на патникот биле пронајдени 3.500 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 246.096 парчиња чоколади во форма на јајце со играчка, откриени при преглед на стока со потекло од Турција, наменета за увозникот од Скопје, пријавена за увозно царинење на ЦИ Гевгелија. Вкупната вредност на оригиналната стока би изнесувала 11.074.320 денари.

– 15.537 парчиња шампони за коса, дезодоранси и купки за бањање и туширање со потекло од Европска унија, откриени при преглед на стока со потекло од Европска унија, пријавена за увозно царинење на ЦИ Гевгелија.

Поради сомневање дека се повредени права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе бидат поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Техничка стока, компјутерски делови и мобилни телефони

– 6 електромотори, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Дојран. Непријавените мотори, пронајдени во кутија, сместена на горниот кревет во кабината на камионот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1 дрон со 1 џојстик, 1 полнач и 3 батерии, откриен на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на германски државјанин, кој допатувал со лет од Келн. Непријавениот дрон е привремено задржан а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 4 делови за компјутери и 25 мобилни телефони и таблет уреди, откриени во три одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.

Во првиот случај, при контрола на патните торби на германски државјанин, кој допатувал со лет од Келн, биле пронајдени 3 компјутерски графички картички и 1 компјутерско глувче. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Во вториот и третиот случај, при контрола на патните торби на двајца шведски државјани, кои допатувале со лет од Малме, биле пронајдени 21 мобилни телефони (нови и употребувани) и 4 таблет уреди. Кај едниот патник биле пронајдени 12 мобилни телефони и 2 таблет-уреди, додека кај другиот патник биле пронајдени 9 мобилни телефони и 2 таблет-уреди.

Непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Делови за лифтови, автоделови и сообраќајна дозвола
– 31 делови за лифтови (контролни табли, магнетни прекинувачи, пружини и магнети), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 30 употребувани резервни автоделови (анласери, брави, летви за волан и сајли за менувач), откриени при контрола македонско комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во држаата на граничниот премин Јажинце. Непријавените автоделови се пронајдени во посебно подготвено скривалиште под задните седишта на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 1 бугарска сообраќајна дозвола, откриена при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Сообраќајната дозвола припаѓала на бугарско возило, сопственост на патникот, кој изјавил дека истото било уништено во сообраќајна незгода и го продал за делови, а табличките ги одјавил во Бугарија. На тој начин патникот го пуштил во слободен промет возилото, без претходно да биде ставено во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки, со што сторил царински прекршок.

Облека, торби, постелнина и завеси

– 209 разни производи (облека, футроли за пиштоли, излетнички торби, матарки, завеси и постелнина), откриени во два одвоени случаи, при контрола на два автомобили, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на романски автомобил, со кој патувале четворица романски државјани, во неколку кеси и една картонска кутија, сместени во багажникот и помеѓу седиштата на возилото, биле пронајдени 103 парчиња облека (фармерки, џемпери, дуксери, пижами и јакни), 20 парчиња постелнина и 20 парчиња завеси. Непријавените производи, сопственост на еден од патниците, се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, во багажникот, под седиштата и во фиоката за документи, биле пронајдени 45 парчиња облека (џемпери, панталони, поткапи и ракавици), 6 футроли за пиштоли, 9 излетнички торби и 4 матарки. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 121 парчиња машка и женска долна облека, откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Дојран се пријавиле тројца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени под патосниците пред задното седиште и во преградата од задната лева врата, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Делови за покер апарати, боров мед и друго

– 250 разни делови за покер апарати (употребувани матични плочи, бројчаници и читачи за пари, и нови сијалички, прекинувачи, конектори и читачи за пари), откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќебиде поведена прекршочна постапка.

– 102 тегли боров мед, 55 шишенца од 200 грама боја за ќунци и 368 освежувачи за автомобили, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во багажникот, под и зад предните седишта, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 205 парчиња пластични садови за бомбони и 197 пластични капаци, откриени при контрола на стока наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Непријавените производи, кои не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани, а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 10.000 Новогодишни украси-дрвени свирчиња и 250 парчиња украсни кесиња, откриени при контрола на германски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Дојран, се пријавиле двајца грчки државјани. Непријавените производи се пронајдени во куферите со личен багаж на сопатникот, сместени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани а против сопатникот во возилото ќе биде поведена соодветна постапка.

Марихуана

Царинските мобилни тимови спречија обид за криумчарење на околу 2,2 грама марихуана. При контрола на германско патничко комбе, управувано од германски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Блаце, во ранец била пронајдена метална кутија со дробилка и 2,2 грама тревкаста материја, за која со помош на тестер за дрога било утврдено дека се работи за марихуана. Дробилката и дрогата се предадени на Одделението за истраги при Царинската управа, а патникот е пуштен да го продолжи патувањето.