Претседателот Иванов со честитка по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

„Почитувани сограѓани,

Денеска се одбележува Денот на создавањето на албанската азбука. Овој ден се смета за еден од клучните настани за себеидентификација и за промовирање на албанската национална мисла. Идентитетот на народот тесно се поврзува со континуитетот на традицијата. Унифицирањето и стандардизирањето на азбуката е еден од основните елементи со кои се гради културолошката и колективната свест. Негувајќи го јазичното и културно богатство се остава трајно сведоштво за културната и национална особеност.

Заклучоците од Битолскиот конгрес, на кој се прифатила латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик, говорат дека право и должност на секој народ е да ја негува и да ја унапредува традицијата, поистоветувајќи го јазикот како најголемо духовно богатство. Можностите за образование и за творење на својот мајчин јазик се вредности кои го јакнат и културниот плурализам во земјава.

Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам празникот на азбуката, а на сите граѓани сакам да им порачам дека книжевното наследство и континуитетот на традицијата се должности кои мора да ги исполниме како влог за просперитетна иднина и за соживот меѓу сите граѓани во Република Македонија.“– стои во честитката.