Стоечки овации за Антоние и Клеопатра во Санта Барбара

Изведбата на претставата Антоние и Клеопатра во режија на Џон Блондел, пред полната сала на Потер Театарот во Санта Барбара, синоќа беше посебно емотивна за екипата на Народниот театар од Битола кои со овој настап го заокружија гостувањето во Соединетите Американски Држави.

Имено, поради врнежите од дожд, претставата од планираната локација на отворено, беше презакажана за изведба во затворен простор , што пак придонесе за една интимна комуникација со публиката која навистина уживаше во една модерна изведба, разбирлива на ниво на интересни театарски решенија, експресивна актерска игра и режисерска инвентивност, кои беа наградени со огромен стоечки аплауз и овации.

Исто така, во публиката покрај многубројните колеги се најдоа и пријатели од Македонија кои специјално од Лос Анџелес допатуваа на овој значаен настан, но и татарски продуцент од Србија, актерката Леона Парамински од Хрватска и режисер од Словенија, кои живеат и работат во САД, кои емотивно ги споделија искуствата и на приемот после претставата.

Режисерот на претставата Џон Блондел и јавно и се заблагодари на поддршката од Министерството за култура и министерката Елизбета Канческа Милевска, а со неговата организација како домаќин на овој незаборавен викенд во Санта Барбара посветен на делото на Шекспир, актерите и раководството на Битолскиот Театар уште еднаш успешно ја презентираа македонската култура и јазик надвор од својата земја.

Очекувајќи ги критиките и написите од официјалната критика и шекспиролозите што го проследија овој настан, тие се упатуваат на долгиот пат кон дома, со нова покана од домаќините во наредна прилика покрај долгоочекуваниот дожд , повторно да донесат нови театарски доживувања.

Во Битола пак продолжуваат со реализацијата на претставата Др.Фауст во режија на најдобриот режисер во регионот во моментов, Андраш Урбан која се очекува да се случи во средината на месец Декември и со која театарот најверојатно ќе реализира нови интернационални успеси.