Најава за градежни работи на ГП Табановце

Согласно планот за развој на Царинската управа, информираме за започнување на инфраструктурни работи за надградба на царинскиот терминал на ГП Табановце. За непречено одвивање на работите, како и избегнување на подолги задржувања за влез и за излез од државата, информираме дека на патниот граничен премин Табановце во наредниот период ќе се одвиваат градежни активности за проширување на постојниот царински терминал, изградба на други објекти и дополнителни сообраќајни ленти за движење на товарниот сообраќај. За оваа цел со посебна сообраќајна сигнализација ќе биде воспоставен времен сообраќаен режим.

Проектот за надградба на ГП Табановце е финансиран од програмата ИПА и национално кофинансирање. За реализација на проектот предвидени се средства во износ над 1,8 милион евра.

Со надградба на граничниот премин Табановце, Република Македонија ќе добие уште еден современ премин, кој со новата инфраструктура ќе даде можности за забрзан и олеснет прекуграничен промет, согласно потребите на бизнис заедницата и на граѓаните. Реализацијата на овој проект истовремено значи и подобрување на условите за попријатен престој на граничниот премин на патниците и подобри услови за работа на царинските службеници

Изведувач на градежните работи, кои е предвидено да завршат кон крајот на 2017 година, е градежната компанија Страбаг АГ од Австрија, а за надзор е ангажирана фирмата Кови од Белгија. Договорот за извршување на работите е веќе склучен и изведувачот ќе биде воведен во работата во текот на следната недела, по што ќе започне и извршувањето на работите.