Гласање на претседателот Иванов на предвремените парламентарни избори

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на предвремените парламентарни избори во Република Македонија, гласаше на гласачкото место 2859, во средното училиште „Јосип Броз Тито”.

„Очекувам, исто како и граѓаните на Република Македонија, овој ден да помине во мирна, демократска и фер атмосфера. Вечер да им честитаме на победниците, а поразените да го признаат легитимитетот на избраните“, изјави претседателот Иванов по гласањето

„Очекуваме во најскоро време да се конституира новиот состав на Собранието, да се избере влада и владата да ги исполни сите ветувања што ги даде во предизборниот период. Очекуваме конечно да излеземе од политичката криза и да се посветиме на нашите стратегиски цели, да ја вратиме евроатлантската агенда на највисокото место, да биде приоритет на државата,“ изјави претседателот Иванов.

Како што рече претседателот Иванов, свесни сме за настаните што ни се случија во изминатите години. Тоа треба да биде поука за сите во политиката.

„Свесни сме и за сите предизвици во регионот и пошироко. Затоа ни се неопходни институции со полн капацитет, кои ќе се справуваат со сите предизвици“, истакна претседателот Иванов по гласањето.